Драго Гламузина, хрватски писател, гостин на „Букстар“

Бевте еден од учесниците на фестивалот „Букстар“ во Скопје, какви се вашите впечатоци, со оглед на тоа што македонската публика е многу запознаена со вашето пишување, имаме многу ваши книги на македонски јазик („Месари“, „Три“, „Дали е тоа сè, Еверест“)?
– Го сакам Скопје и среќен сум што бев повторно тука. Да, речиси сите мои книги се преведени на македонски јазик, а сѐ започна со стихозбирката „Месари“, која ѝ се допадна на писателката Јадранка Владова, па ја преведе и најде издавач. Книгата ја објави Нове Цветаноски и оттогаш моите книги се појавуваат во Македонија многу брзо по хрватското издание. Романот „Вториот закон на термодинамиката“ почнав да го пишувам во Скопје, за време на мојата едномесечна резиденција, пред неколку години, така што оваа промоција на романот на некој начин е враќање на местото од каде што започна сѐ. А што се однесува до фестивалот, имав слушнато многу добри работи за него од моите македонски пријатели и уживав во фестивалските средби, презентации и собири.
Како термодинамиката како гранка на физиката се вклопува во едно уметничко дело? Дали насловот намерно е толку неконвенционален, за да ги привлече читателите?
– Дејството на романот се случува во една ноќ, на забава на која присуствуваат група пријатели. Тие се во своите четириесетти, животот веќе ги изџвакал, браковите им се распаѓаат, но тие сѐ уште се борат, сѐ уште не се откажуваат од борбата. Во одреден момент, секој од нив ја раскажува својата животна приказна, го прераскажува својот животен пораз, а потоа еден лик коментира со следнава реченица: „Вториот закон на термодинамиката вели дека секој уреден систем се стреми кон ентропија, најмало движење е доволно за да направи сѐ да се распадне“. Ако тоа е вистина за целиот универзум, тогаш важи и за човечките односи“. Тоа е всушност метафора што добро ја покрива содржината на романот. Мислев дека ќе биде и добар наслов, кој е неконвенционален, но ми се допадна, иако не сум сигурен дали ги привлекува читателите или ги одбива и до ден-денес.
Работевте во дневниот весник „Вјесник“ и во неделникот „Национал“, потоа и во издавачката куќа „Профил“, а до денес сте главен уредник во издавачката куќа ВБЗ. Дали издавачката работа ви дојде како олеснување во споредба со новинарската?
– Работев во весник нешто помалку од десет години. Беше интересно искуство, беше крајот на 1990-тите, „Национал“ беше опозициски весник и во секој број се обидуваше да ги разобличи недемократските методи на владата на Туѓман, имаше и полициски притисок итн. Тоа беше динамична работа, возбудлива и мило ми е што имам такво искуство, но отсекогаш сум сакал да работам во издаваштвото, па започнав едиција во „Национал“ и уредував некои книги, а потоа, кога се укажа можност, се преселив во „Профил“ и останав во издаваштвото до денес.
А како ја комбинирате работата на уредникот и авторот, како искуството на уредникот се одразува врз вашето пишување?
– Верувам дека оваа работа има и добри и лоши ефекти врз моето пишување. Преку постојана работа на ракописи, учите многу корисни работи што можете да ги примените во вашето пишување. Тоа е како добар тренинг. Во исто време, не чувствувам дека туѓите гласови го задушуваат мојот, затоа што се чувствувам како да успеав да го најдам мојот глас за пишување и доста сум уверен во она што го работам. Но, јас сум вработен во голема издавачка куќа и има толку многу ракописи што понекогаш немам време за тоа што сам го пишувам. Понекогаш тоа ме фрустрира, но ја сакам мојата работа и не можам да замислам да правам нешто друго.
Голем број ракописи стигнуваат до вашето биро, бидејќи работите во една од водечките регионални издавачки куќи. Кои критериуми ги следите при изборот?
– Не ми е неопходно ракописот што го читам да припаѓа на типот на литература што ми се допаѓа, но важно ми е писателот да знае што прави и зошто прави нешто во текстот. Сакам добро раскажување, но ќе објавам и експериментален роман или роман што ги доведува во прашање границите на јазикот ако видам дека е добро напишан. Значи, главниот критериум е доброто пишување. Знам дека звучи како флоскула, но тоа е работа на уредникот, да препознае добро пишување и да му помогне на авторот да прескокне некои пречки на патот.
А што би помислиле ако на таа уредувачка маса се најде една од вашите книги, ха, ха?
– Кога станува збор за моите книги, имам неколку пријатели, уредници и писатели на кои им ги испраќам моите ракописи на читање откако ќе ги напишам. Тоа се луѓе што гледаат на литературата со слични очи како мене, писатели што имаат сензибилитет сличен на мојот и сакам да ги слушнам нивните мислења за тоа што сум го напишал. Кога ќе го завршите текстот, секогаш има места каде што имате сомнежи или дилеми и за мене е важно да можам да ги истражам во разговор со некој во чиј суд имам доверба.
Како програмски директор на фестивалот „Вресок“, можете ли да ни кажете кој пристап е важен во конципирањето на програмскиот дел за еден ваков автентичен и успешен фестивал?
– „Вресок“ има три главни програмски целини, од кои едната ги претставува најновите дела на хрватските писатели, дела што предизвикале најголем интерес или контроверзии. Во вториот дел од програмата презентираме нови дела од значајни регионални автори, на „Вресок“ секоја година настапуваат од седум до десет автори од регионот. Во третата има автори од Европа што обично ги групираме околу некоја тема, оваа година на пример беше климатска катастрофа кон која се движи светот и животот во таков свет, па на таа тема презентиравме дистописки романи од неколку автори Скандинавци. Она што го прави специфичен „Вресок“ во Хрватска е токму негувањето на регионалната компонента. Мислам дека на ниеден друг литературен фестивал во Хрватска не настапуваат толку писатели од регионот како тука.
Колку се важни литературните фестивали за развојот на општеството? И истото прашање во врска со преводите?
– Тоа се места каде што се разменуваат идеи, се среќаваат писателите и публиката, но и писателите и другите писатели. На нив се слушаат различни гласови, се разменуваат книги, се договараат нови проекти и мислам дека сето тоа е важно за да се зачува плуралноста во општеството и да се одбрани од едноумието што постојано ни дише во врат.
Дали ја познавате македонската литература, кои писатели или дела ви оставиле впечаток?
– Добро ја познавам македонската литература и нејзините писатели и би сакал да има повеќе преводи од македонски за да ги знам уште подобро. Читам што е преведено на хрватски или српски, а се среќаваме многу на фестивалите во регионот. Мислам дека Македонија има силна книжевна сцена и токму затоа објавувам многу македонски писатели во ВБЗ. На пример, последниве години сме ги објавиле: Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Лидија Димковска, Румена Бужаровска, Владимир Јанковски…