Животни
Иако секое куче е посебно на свој начин, постојат раси на кучиња што се помалку убави од другите. Според „Петхелпфул“, ова се четирите најгрди раси на кучиња во светот.
Англиски бултериер: Оваа раса со својот изглед и карактер ги привлекува погледите низ светот. Препознатлив по главата во облик на јајце и мускулестото тело, бултериерот изгледа застрашувачки и опасен. Спротивно на неговиот изглед, ова куче е многу нежно и е вистински избор за семејство. Бара одлучен и искусен сопственик што ќе му обезбеди правилно воспитување на рана возраст.
Пули: Пули или унгарски овчар е живо и интелигентно куче, со карактеристично и необично крзно. Ова е релативно ретка раса. Препознатливите влакна почнуваат да му се формираат околу деветтиот месец, бидејќи подвлакното почнува да се витка околу новиот надворешен слој. Неговите влакна се причината поради која се наоѓа на оваа листа. Критичарите на оваа раса често велат дека таа повеќе личи на черга или џемпер отколку на куче.
Неаполски мастиф: Ова огромно куче, величествениот неаполски мастиф, е силно и мускулесто. Краткото дебело влакно доаѓа во неколку бои и нијанси (црна, сина, сива, кафеава), вклучувајќи ја и тигреста, а кожата му е мошне лабава на телото и главата – поради што се најде на листата на најгрди кучиња.
Мексиканско куче без влакна: Ова куче има мазно тело, очи во облик на бадем, големи исправени уши и долг врат и опашка. Крзното (ако има) е кратко и лесно се одржува. Крзното, кое доаѓа во различни бои, треба само повремено да се четка. Варијантата без влакна на оваа раса често има малку влакна на главата, шепите и на задната третина од опашката.