Техно

Дизајнерот Јозеф Форакис го претстави првиот концепт на суперјахта направен со помош на 3Д-печатач. Јахтата наречена „Пегазус“ е долга 88 метри и доаѓа со рефлектирачки „соларни крила“, кои ѝ овозможуваат да има неограничен опсег без емисија на гасови. Идејата за футуристичката јахта е започната на плажата на островот Куфониси во Грција, а Форакис тврди дека бил инспириран да направи јахта што е можно поблиску до морето и природата, направена од облаци што лебдат над водната линија станувајќи практично невидливи.
„Желбата за невидливост“ го мотивираше Форакис да развие вистинска јахта со нулта емисија, која е невидлива и по дизајнот и по влијанието врз животната средина. Тој и неговиот тим користеа напредни технологии, и постојни и во развој, за да постигнат невидени нивоа на одржливост и досег. Тимот, исто така, планира да користи роботско 3Д-печатење за да создаде мрежеста рамка што ги интегрира трупот и надградбата на бродот.
– Резултатот е исклучително силна и лесна структура што може да се произведе со помалку енергија, материјали и време во споредба со конвенционалната конструкција – рече Форакис.
Јахтата има сребрена метална завршница, која ѝ овозможува да се вклопи во нејзината околина како камелеон со боите и движењето на водата додека повеќеслојните ефемерни стаклени крила ги рефлектираат облаците и небото.
Во внатрешноста на јахтата се наоѓа „дрвото на животот“, кое е жив споменик на мајката природа и јадрото на хидропониската градина, која обезбедува свежа храна и го прочистува воздухот. На највисоко ниво е главниот апартман со приватна тераса, кој е наменет за сопственикот на јахтата.
Јахтата „Пегазус“ е дизајнирана да нуди нула емисии на јаглерод и речиси неограничен опсег. За дополнителна енергија во време кога нема сонце, сончевата енергија се користи за претворање на морската вода во водород. Добиениот водород се складира во литиум-јонски батерии за користење по потреба.