Тие одбранбени начини или трикови можат да му го спасат животот на ловџијата

Постојат начини, или може да се наречат и трикови, за преживување во дивината од напади од диви животни, кои можат да му го спасат животот на ловџијата. Ќе наброиме неколку.
Мечките ретко напаѓаат луѓе, но токму човековото однесување може да им ја одреди понатамошната судбина. А тоа значи да не се бега панично кога ќе се види мечка, оти на тој начин таа ве гледа само како плен. Мечките можат да трчаат и со брзина од 30 милји (околу 50 км) на час, па затоа е најдобро ловџијата да легне на земја и да се склопчи. Со рацете да го покрие вратот и да се прави дека е мртов. Мечката може и да го преврти неколкупати, но не треба да се паничи, оти потоа таа ќе си замине.

Не е точно дека змиите напаѓаат први. Напротив, тие не се непријателски настроени кон луѓето, а дури 80 отсто од каснувањата се случуваат додека човекот се обидува да ја фати или убие змијата. Во случај на напад, потребно е брзо да се подигне едната нога, а ако веќе дошло до каснување, тогаш треба веднаш да се исцица отровот од каснатото место, да се измие раната со свежа вода и да се стегне што посилно местото околу раната.

Средбата со лав сигурно е најстрашна, но директниот контакт со очи и кревањето на рацете во став да дадете до знаење дека сте повисок од лавот, може да го спречи нападот. Исто така, потребно е притоа да се вика самоуверено со повисок тон, оти тоа ги плаши лавовите, односно фактот дека некој е поголем и помоќен од нив.
При евентуалната средба со слон, ако неговата сурла е свиткана, а ушите вовлечени назад, тоа е сигурен знак дека тој се подготвува за напад. Затоа е најдобро ловџијата веднаш да пронајде некоја заштитна бариера, па макар тоа бил и еден обичен поголем камен.

Поради необичната позиција на очите, нападот на крокодилот може да се избегне, ако ловџијата почне да прави голема врева и да трча во цикцак-насока. Доколку плива, тогаш секако не е пожелно многу да се бранува водата.


Практични совети при зимски риболов

Традиционално зимски обувки за риболовците се гумените чизми, но, сепак, во зима е подобро да се користат кожени обувки, но само во случај кога не постои опасност од нивно наводенување

Постојат многу практични совети при зимски риболов, но тука ќе се задржиме на тоа со какви обувки треба да се оди на риболов. Традиционално зимски обувки за риболовците се гумените чизми и тие обично се високи до ножните листови. Сепак, во зима е подобро да се користат кожени обувки, но само во случај кога не постои опасност од нивно наводенување.
Овој совет е применлив за риболов од чамец или од некое уредено крајбрежје, кога рибарот всушност и не е принуден да гази во вода. Во кожени обувки стапалата се потопли отколку кога рибарот носи гумени чизми, па дури може да носи и еден број или два поголеми, за да може да облече и два-три чифта чорапи.
Понатаму не треба да се заборават ни најлонските ќесиња. Но се случува рибарот да мора да помине некој плиток поток или каллив терен, па во тој случај одлично би му послужиле најлонските ќесиња, на пример црните ќесиња што се користат за отпад. Тие треба да се облечат како чизми, притоа да се прицврстат горе со гумички и ако не се дупнати, може да се стигне со суви нозе на посакуваното одредиште.
Најлонските ќесиња можат да послужат и тогаш кога покрај сите мерки на претпазливост ќе се наполнат со вода. Во таква ситуација рибарот може дури и да го продолжи риболовот, ако има резервни чорапи и две најлонски ќесиња, кои, пак, треба да се навлечат преку нив, со што ќе ги штитат чорапите од мокрите чизми.