„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Водата во езерото никогаш не е слатка“ од современата италијанска писателка Џулија Каминито, во превод од италијански јазик на Анета Симовска. Романот лани беше финалист на меѓународната награда „Стрега“, добитник на „Стрега оф“ и на наградата „Кампиело“. До појавата на ова македонско издание, правата за превод на романот беа продадени во 21 земја. Ова е прв превод на дело на Каминито на македонски јазик.
Џулија Каминито во „Водата во езерото никогаш не е слатка“ ја раскажува приказната за една непријатна реалност, невидлива за многу современи писатели, но која удира без удари. Гаја и нејзиното семејство живеат во сиромаштија, се чувствуваат како да пловат во најматната вода, без надеж за бегство или подобрување на условите и животот. Но тоа не е единствената движечка сила на овој роман. Неговата смела, искрена приказна ги отсликува вознемирувачките неодговорени прашања на главниот лик и го открива лицемерството на инертното и изопачено општество. Приказната во романот во основа е социјална, тешка и мачна, но искрено и реално раскажана од аспект на младиот наратор и со младешки сензибилитет.
Џулија Каминито (1988, Рим) дебитира во 2016 година, со романот „Големото А“, посветен на африканскиот постколонијализам и базиран на семејни случки, за кој доби неколку признанија, меѓу кои наградите: „Берто“, „Багута“ (за прво дело), „Бранкати“ (за млади). Потоа ги објавила збирката раскази „Ги гледавме другите како играат танго“ во 2017-та, приказната „Балерината и морнарот“ во 2018-та и романот „Еден ден ќе дојде“ во 2019 година, за кој ја добила наградата „Фиезоле“. Во 2021-та беше издаден нејзиниот трет роман „Водата во езерото никогаш не е слатка“.