Владимир Мартиновски, писател
Поет, прозаист, есеист и професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Владимир Мартиновски деновиве е дел од „Скопскиот поетски фестивал“, чие официјално отворање се случи синоќа во Младинскиот културен центар. Дел е од речиси сите културни настани и активен е речиси во сите полиња на уметноста. Омилен е меѓу поетите, прозаистите, но и меѓу оние што не се љубители на уметноста. Кога некој ќе се запраша како изгледа човек за сѐ, ќе помисли на Мартиновски.
Годинава ќе бидете учесник на „Скопскиот поетски фестивал“. Му недостигаше ли на Скопје едно вакво случување?
– Секако! Неодамна на поетски фестивал во Анкара бев сведок кога мексиканскиот поет и активист Армандо Аланис, по покана на општинската библиотека, на централниот ѕид со големи букви на шпански и турски напиша „Без поезија нема град!“ Како главен град, а и како секој град, Скопје секако има потреба и од меѓународен поетски фестивал. Тука се одржуваат неколку книжевни манифестации ориентирани кон прозата, но несомнено има публика и за поезија, за која појавата на „Скопскиот поетски фестивал“ е одлична вест. Многу му се радувам на овој нов фестивал, кој годинава се одржува по вторпат. Особено се радувам што зад организацијата стои одличен тим на искрени љубители на поезијата и одлични автори. Ме радува и што во првите две изданија акцентот е ставен на креативниот дијалог на поезијата со другите уметности. Со нетрпение очекувам да ги видам и годинешните поетски видеа.
Дел сте речиси од сите книжевни, а генерално и културни настани. Што е она што во македонската култура особено ве радува, а што ве натажува?
– Тоа што во сите уметности имаме одлични автори, кои имаат што да кажат и кај нас и во светот. Тоа што сè поголем дел од културните настани имаат и меѓународен карактер. Тоа што во Скопје има книжевна резиденција и што сè почесто на промоциите на преведените книги доаѓаат и странските автори. Особено се радувам кога на книжевните и културните настани гледам млада публика. А ме натажува и тоа што сме горе-долу истата публика на сите културни настани. Ме натажува и фактот што најголемиот број македонски градови немаат ниту една книжарница, асолна киносала или театар, а обложувачници – на секој чекор…
Продуктивен сте на многу полиња: сликање, музика, пишување, преведување, предавања, книжевна критика… Кога во еден миг би запреле, што би виделе?
– Не ми се запира и повеќе ме привлекува тоа што сакам допрва да го работам од тоа што е зад мене. Сите уметности ме привлекуваат и не случајно постојат толку многу различни форми на изразување, кои се меѓусебно поврзани. Периодов интензивно работев на тематската антологијата „Музика, секогаш и уште“, посветена на дијалогот меѓу поезијата и музиката. Ме фасцинира како поетите и музичарите од различни епохи, традиции и простори, сепак, се надоврзуваат и проникнуваат. До слични сознанија дојдов и работејќи на книгата есеи „Век со Конески, мигови со Блаже“, која е во печат, а во која во главен фокус ми беа творечките совпаѓања меѓу творештвото на нашиот великан и делата на автори од многу различни средини и контексти. Последниве месеци главно бев окупиран со овие две книги, но ме радува што по нивното завршување планирам да се нурнам во нови истражувања. Учеството на „Скопскиот поетски фестивал“, меѓу другото, е можност да фрлам и поглед наназад – за читањето планирам да одберам по една-две песни од секоја стихозбирка, па ете можност за мала ретроспектива. Баш ме интересира како и јас ќе ги чувствувам, но секако и публиката, песните од различни книги и етапи.
Запознаен сте детално и со македонската и со светската поетска сцена. Што е она што ни недостига, а што нѐ прави посебни?
– Штотуку заврши СВП, на кое странските учесници, без исклучок, а се надевам и без куртоазија, искажаа високо мислење за македонската актуелна поетска сцена. Но, генерално, кај нас на поетските дострели им недостигаат поголема видливост, различни толкувања и критички читања. Премногу често, за значајни книги има само по една-две рецензии, а неретко и одлични книги остануваат премолчени. Медиумите претежно се занимаваат со дневнополитички препукувања, а убавите вести за нови книги, концерти или претстави се затутулени.
Кога за една збирка поезија (па и песна) може да се каже дека навистина е добра?
– Кога не те остава рамнодушен. Кога посакуваш пак да ја препрочиташ. Кога ти се врти низ мислите и откако ќе ја прочиташ. Кога посакуваш да ја споделиш со некого, кога сакаш да му ја подариш некому таа книга… Кога сакаш да правиш муабет за неа.
Koj e најдобронамерниот и најконструктивен начин некому да му укажеме дека и тој треба (уште) да учи (и за пишувањето, па и за животот)?
– Само со личен пример. Одамна е познато дека за да предаваш нешто, мораш постојано да учиш. Последниве месеци интензивно го читав Конески, кој говори дека треба да се созрее не само во пишувањето туку и во читањето и толкувањето на книжевните дела. Прекуноќ и на прва топка не се создава нешто вредно. На циклусот „Марко Крале“, на тие пет брилијантни песни, на пример, Конески работел две децении, а препевот на Његошовиот „Горски венец“ доживеал четири изданија во текот на четири децении, при што во секое од тие изданија Конески внесувал нови препејувачки решенија. Од Конески денес можеме многу да научиме, меѓу другото, дека уметноста не е спринт на сто метри, туку мегамаратон во кој на секој чекор секогаш може да се научи и доживее нешто ново.