Кон филмот „Убиецот“ на Дејвид Финчер

Рецензија

Почнувајќи ја оваа рецензија, искрено и не знаев во каква авантура се впуштам и дека рецензирањето филм на еден таков режисерски великан каков што е Дејвид Финчер ќе ми претставува толкаво задоволство, но и толку голема одговорност во исто време.
Но тој се чини го нема овој проблем. Тој како да е растоварен од секаков притисок и како да му е веќе сеедно што ќе помисли филмската публика за неговите дела, па веќе се препуштил на својата лична интуиција.
За „Убиецот“ преовладуваат различни мислења, кои одат од едната до другата крајност, односно од ужасно досаден филм без приказна и големо филмско разочарување, па сѐ до уште еден брилијантен филозофско-акционен трилер. Филмската публика буквално е поделена на половина, па вистинскиот епитет за овој филм можеби најблизу го доловува терминот „просечна крими-драма“ или, како што би рекол Пол Ритер во улогата на Анатолиј Дијатлов во серијата „Чернобил“ – „not grеat, not terrible“.
Следејќи го Дејвид Финчер како директор, низ годините, можеме да забележиме дека тој никако не може да се засити од убиства и неговото филмско платно често „крвави“ од разни предатори и манијаци што дивеат во неговите филмови, како на пример, „Вонземјанин“, „Соба за паника“, „Седум“, „Зодијак“, „Девојката со тетоважа на змеј“, „Изгубената девојка“…
„Убиецот“ за многумина е нешто неочекувано од Финчер во однос на квалитетот (имајќи ги предвид неговите претходни остварувања, кои по својот квалитет веќе се култни). Но кога подобро ќе се размисли, „Убиецот“, впрочем, е токму тоа што Дејвид Финчер вообичаено и го прави. Филмот го фокусира околу една фигура, која во случајов е ангажиран убиец, кој постојано си ги менува своите имиња, олицетворен преку маестралниот Мајкл Фасбендер. Овој авантуристички крими-трилер изобилува со богати детали за тоа што платен убиец е принуден да прави додека неговиот совршено пресметан свет имплодира. И раскажувајќи ја оваа приказна за смртоносниот перфекционист, кој постојано во себе мрмори неколку исти фрази како „Забрани емпатија“, „Држи се до планот“, „Не му верувај никому“, „Работи само за оној што те плаќа“, за да се задржи себеси во центарот на вниманието, Финчер се потпира на својата репутација на прецизен, речиси опсесивен филмски режисер. Со тоа, можеби го прави ова филмско остварување најлично, односно „Убиецот“ е можеби филм што најточно го отсликува неговиот карактер, па дури може да се рече и дека е автобиографски.

„Убиецот“ е заснован на француски стрип со ист наслов напишан од Алексис Нолент и илустриран од Лук Џекамон. Главниот јунак е платен убиец со надворешно обичен изглед. Другите луѓе се ужасни, а светот е безнадежен. Тој ги цитира Христос и Казанцакис, редовно има секс со дами со огромни силиконски гради, но исто така поминува многу време сам. Она што е интригантно и мистериозно е тоа што тој е здодевен.
Карактеристично за ликот што го толкува Мајкл Фасбендер е тоа што е голем обожавател на „Д смитс“. Партитурата е на Атикус Рос и Трент Резнор, лидерот на култната група „Најн инч неилс“, кои соработувале со Финчер во филмовите „Социјална мрежа“, „Изгубената девојка“ и други, но саундтракот на „Убиецот“ вклучува такви класици на „Д смитс“ како „How Soon is Now“, „The Queen is Dead“, „Bigmouth Strikes Again“, „I Know It’s Over“ и повеќе.
– Трент и Атикус се нашиот прв избор, и ако одлучат да го возвратат повикот, сметам дека бидам среќен – рече Финчер на прес-конференцијата на филмскиот фестивал во Венеција во неделата. „Д смитс“ беа додаток за постпродукција бидејќи знаев дека сакам да ја користам „How Soon is Now?“ и ми се допаѓа идејата за таа песна конкретно како алатка за смирување на неговата анксиозност.
„Убиецот“ е скап спортски автомобил што вози во прва брзина. Вештиот Финчер, кој и покрај здодевноста, преку својата виртуозност успева да го задржи вашиот поглед, дури и додека вашиот ум талка.
Напишан од Ендрју Кевин (писателот на филмот „Se7en“), филмот отфрла многу од набљудувањата на стрипот и се преклопува во некои јунаци од поп-културата. Ликот на Фасбендер звучи како да се обидува да се убеди себеси или само да се смири за да може да се фокусира на насилната задача што ја има.
Откако првата работа во филмот оди лошо, „Убиецот“ открива дека тој сега е цел, што додава доза напнатост и мистерија, а опортунистите се редат како на стриповска сцена, од адвокатот (Чарлс Парнел), клиентот (Арлис Хауард), експертот (Тилда Свинтон)… Во текот на целото време, Фасбендер го држи центарот со неговата слатка несмасност и физичка способност.
Од сите убиства што можеме да ги видиме во филмов, сепак Финчер најефективно го убива нашето време. По неговото завршување, во сеќавањата на гледачот нема да остане многу, освен раскошниот талент и виртуозната способност на режисерот да манипулира со своите алатки, како гитарски солист, кој со своето его се обидува да ја шармира публиката, но притоа не остава некој одреден уметнички белег.
Сепак останува впечатокот дека режисерот создал дело со „фраерски шмек“, кој преку својата блага неоноир-глазура успева да го шармира секој гледач и покрај тоа што приказната е благо наративна. „Убиецот“ нѐ држи на невидливата граница на реализмот и фикцијата. Дали навистина можете да поминете низ електронска врата заштитена со тастатура само ако ја фотографирате на вашиот телефон и потоа нарачате фоб-копир од „Амазон“?