Добро е познат и анализиран душевниот и човечки пресврт на грофот Толстој во староста кога тој јавно се одрекува од догматичноста на православната црква за поблиску да им служи на луѓето и на Господ. Човек треба сам да се моли, како Исус Христос, велел старецот Толстој, а не преку магиски обреди во црквата. Љубовта кон бога подразбира љубов и милост кон секој човек. Според Толстој, враќањето кон изворното христијанство е неделиво од прудоновските принципи за ненасилството и против алчното натрупување на сопственоста. Христовото човекољубие, душевност и противност кон насилството наспроти верските ритуали што црквата ги поставува во центарот на своите активности.
Свесна за неговиот голем углед меѓу сите слоеви на рускиот народ, црквата правела обиди, преку сопругата Софија Андреевна, да го натера да се покае за своето вероотстапување, но Толстој не се откажувал. Со одлука од февруари 1901, Светиот синод го исклучува писателот од своето членство додека не се вразуми, зашто паднал во грев на гордоста и својот талент го употребил во ширење учење спротивно од црковното. Но Толстој останува „невразумен“ до крајот на својот живот, иако при конечното бегство од Јасна Полјана оди кај својата сестра, монахињата Марија (онаа Маша во која бил вљубен Тургењев), која го советува да разговара со старците духовници во Оптинскиот манастир. Инаку Оптинскиот манастир има посебно место во руската духовна историја, а интересно е што таму престојувале и се среќавале со монасите Гогољ, Достоевски (оттаму прототипот на старецот Зосима во „Браќата Карамазови“), Тјутчев, Аксаков… Но кога Толстој стигнал во манастирот, не му било овозможено, без благослов на епископот, да разговара со старците, па тој го загубил трпението и заминал.
До денес Руската православна црква не го повлекува актот за негова екскомуникација. Откако поминале речиси сто години од неговата смрт, правнукот Владимир Толстој упатил молба до црквата да дозволи помирување со прадедо му, со оглед на неговата значајна улога во руската култура, но бил одбиен бидејќи покојникот не е во состојба да се покае!
Судирот на Толстој со црквата потсетува на сличен таков расчекор во толкувањето на верата со големиот балкански и европски писател Никос Казанцакис. Авторот на долгиот модерен еп „Одисеја“ (натамошниот живот и доживувања на античкиот по крвавата пресметка со просците на итачкиот двор), на „Гркот Зорба“ (инаку „вистинскиот“ Зорба умира во Скопје, 1942-та, за време на окупацијата) со своите два познати романа „Христос повторно распнат“ и „Последното Христово искушение“ предизвикал силна реакција на црквата, и католичката и православната, што кога починал, одбила да се погребаат неговите земни остатоци во Атина, па во присуство на неброени почитувачи бил испратен на оној свет во Ираклион, на неговиот роден, сакан Крит. На гробот останал епитафот: „Не се надевам на ништо, не се плашам од ништо, јас сум слободен“.
Казанцакис имал, како Толстој, лична интерпретација на христијанството. Се наоѓаат уште некои сличности во нивните книжевни и човечки судбини. И Казанцакис не ја добива Нобеловата награда, иако девет пати е во најтесен избор. Ками, кој во 1957-та го „победува“ за еден глас, ќе изјави: „Казанцакис стопати повеќе од мене ја заслужи наградата“.
И Казанцакис умира оддалечувајќи се, на некој начин, од дома: смртно болен од леукемија заминува на далечен пат кон Кина и Јапонија, на враќање умира во попатна германска болница. Како Толстој под дрвото во својата Јасна Полјана, погребан е на рид над Хераклион, на својот сакан Крит.

(продолжува)