Васил Василев, директор на народниот театар „Иван Вазов“ од Софија
Народниот театар „Иван Вазов“ е многу важен театар во вашиот регион. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за репертоарската политика, имињата на режисерите и претстојните проекти во следната сезона?
– Репертоарот на Народниот театар успева да постигне многу добар баланс меѓу современите дела и претставите поставени по класични литературни и театарски текстови. Во новата сезона малку посилно ќе се почувствува присуството на повеќе експериментални претстави, како поради специјално поканетите режисери, кои се докажаа на европската сцена, така и поради новиот проект наречен „Театар +“ – платформа за долгорочна и заедничка творечка работа за размена на идеи и претставување на новите драматуршки и сценски текови на современиот театар.
Една од продукциите на Националниот театар е Шекспировата „Бура“, во режија на Роберт Вилсон. Кажете ни како дојде до соработка со ова огромно режисерско име.
– Ни беше голема чест што Роберт Вилсон режираше на нашата сцена. Тоа има своја специфика во однос на изразните средства и затоа за секој театар е предизвик да дојде Вилсон, особено што по неговото доаѓање театрите се подобруваат и во техничка смисла. Така, наследивме богатство – променето осветлување. Вилсон е неверојатен професионалец што ја развива својата поетика преку многу суптилен математички метод, благодарение на кој успева да навлезе во душата и во човечкото преку визуелното. Периодот во кој тој работеше овде беше многу интересен за нашиот театар. Тоа беше и период што се совпадна со ситуацијата со ковид, која нѐ доведе во тешка позиција, но среќни сме што сѐ се заврши успешно. Претставата има свои приврзаници и ние сме горди што Бугарија е една од земјите каде што Роберт Вилсон го постави својот Шекспир.
Овој театар ја поддржува и бугарската драматургија. Кои се бугарските автори застапени на вашиот репертоар?
– Како што реков претходно, ние навистина се стремиме кон рамнотежа помеѓу „пред“ и „сега“. На репертоарот активно се изведуваат дела од бугарските класици, како Иван Вазов, Пејо Јаворов, Јордан Радичков, Стефан Цанев итн., но во исто време се поставуваат и претстави според текстови на современи драматурзи, меѓу нив Александар Секулов, Константин Илиев, Мирела Иванова. Наскоро ќе се одржи премиерата на монодрамата „Незнаење“, која ја напиша, ја одигра и ја режираше нашата актерка Албена Ставрева. Од оваа сезона, на Одделот за драматурзи е назначен познатиот писател Захари Карабашлиев, кој е еден од современите уметници во Бугарија. Ние во Народниот театар напорно работиме на потрага по актуелни текстови што ќе провоцираат.
Кои се вашите идни планови за оваа огромна театарска куќа и кои се вашите предвидувања за следната театарска сезона?
– Сакаме сѐ повеќе да ја изненадуваме публиката. Успеавме да им угодиме на голем број верни обожаватели на театарот, бидејќи на репертоарот се вратија милениците на публиката што не беа изведени во последните години. Претстојат интересни средби со режисери, од кои еден е Тимофеј Кулјабин, кој во моментов ја поставува „Нора“ од Хенрих Ибзен со актерите на Народниот театар. Публиката неодамна ја запознавме со авторската претстава на Јернеј Лоренци, „Орфеј“, која дефинитивно стана голем театарски настан на бугарската сцена. Следува премиерата на авторскиот танцов перформанс на романскиот кореограф Андреа Гаврилиу, „Фиеста“, кој ќе биде претставен на нашата нова сцена „Музите“. Нашите планови се да им создадеме можности и на актерите да работат со нови режисери и на публиката да допре до мајсторството на големите европски уметници. Веруваме дека на овој начин ќе придонесеме за севкупниот развој не само на Народниот театар туку и на театарската уметност во Бугарија. Сакаме достојно да стапнеме на европската театарска мапа.
Каква е перцепцијата на бугарската јавност и каде е местото на театарот во културната матрица на Бугарија?
– Кај нас театарот е поврзан со државноста на Бугарија. Од раните години на формирањето на Третото Бугарско Кралство, театарот е авторитет, дури и во неослободените региони на нашата земја, каде што оваа уметност помогна за заживување на општеството. Бугарската јавност е високообразована и бара нови предизвици. Таа високо го цени професионализмот во театарската уметност и сака нови читања на класичните текстови.
Дали бугарскиот театар и неговите уметници се доволно добро застапени на европските и светските културни простори?
– Имаме наши примери на режисери како Јавор Гардев, Галин Стоев, Александар Морфов, Дијана Добрева. Познати се и на европските сцени. Наша желба е дополнително да го развиваме тоа. Мислам дека моментално не сме добро застапени во светските културни простори и има уште многу да се надградува.
Сашо Огненовски