Староста на трибунот (5)

  1. Книгите разговори со старите трибуни (на Екерман со Гете, на Матвејевиќ со Крлежа, на Цане Андреевски со Конески…) се читани и цитирани од следните генерации писатели и почитувачи. Испраќањето од земниот живот, како што видовме со погребите на Иго и на Сартр, е завршниот акорд во долгата низа приврзаности и почести што го следат трибунот низ неговиот живот, без оглед на неговата здравствена состојба.
    Што не може да се каже за многу поскромните испраќања од земното постоење како, на пример, на хронистерикот писател Паунд, кој откако бил уапсен (и во затворот запишувал стихови на тоалетна хартија), со години бил изолиран, под психијатриска контрола, депресивен и напаѓан. Или она на кловнот писател Виткаци, кој го „режира“ сопственото самоубиство, пресекувајќи си ги вените и испивајќи јак отров, а на љубовничката Чеслава, која поаѓа да му се придружи, ѝ дава недоволна доза „луминал“ за да може да преживее. Или да се вратиме подалеку – какви беа последните денови на еден голем трибун, каков што е Гете, наспроти оние на големиот кловн Моцарт или големиот хронистерик Ниче?
    Трибуните, како што се Иго и Сартр, како што е нашиот Конески, заминуваат во книжевната и национална историја со голем број следбеници меѓу помладите современици. Спротивно од нив, омиленоста на писателите хронистерици и кловнови кај современата критичарска и читателска публика е понесигурна, поспецифична и поиздвоена. Хронистерикот може бргу да добие читателски навивачи што ќе го цитираат поради засилената актуелност и несомнената жестина. Од друга страна, делото на хронистерикот се мери со различни аршини кај оние критичари што се од „неговата“ страна, наспроти оние од „другата“.

Во полемиките, за разлика од организираниот и постојан трибун, хронистерикот веднаш влетува со противнапади и навреди. По ист принцип, високо-ниско, се движи и линијата на книжевните награди, што му се доделуваат на хронистерикот кога неговите ставови се во согласност со политичките ставови на жирито, а потоа, кога политиката се менува, неговите јавни почести речиси ги снемува. Но делата на виртуозните хронистерички писатели триумфираат подоцна, кога, прочистени од судот на времето, се прифаќаат со сета нивна силовитост.
Што се однесува до писателите кловнови, рецепциската судбина на нивната книжевност може да биде непредвидлива за време на нивниот живот, иако е потребен извесен временски период, некогаш со години, некогаш со децении, неретко постхумно, за да ги добијат вистинските вреднувања. Најчесто се случува генерациски прескок за нивното дело да се препознае надвор од шемата на „игривост, шарм и досетливост“ и подаровитите писатели кловнови да си го добијат заслуженото повисоко место во книжевната хиерархија, а оние најдаровитите на луцидни, значајни иноватори. Но многумина писатели кловнови од помал авторски ранг, инаку занимливи човечки суштества за дружење, остануваат повеќе во анегдотите, а во маргините на книжевноста, а за тоа, на некој начин, и самите се „виновни“. Го немаат јавниот авторитет на трибунот, а ни експлозивниот настап на хронистерикот. Но затоа, токму поради нивната раздвиженост и поливалентност, писателите (и уметниците) кловнови, полесно и поточно од трибуните и хронистериците, ги препознаваат вредноста и значењето на делата на другите автори. А најсилните меѓу нив, пак, се преоткриваат пред нивните подоцнежни следбеници како оригинални, анализирани и читани книжевни мајстори.
За разлика од писателите кловнови и хронистерици, нагласено позитивната рецепција на делото и личноста на стариот трибун непречено тече и се збогатува. Многу ретко, трибунот може да биде свргнат во староста, како во случајот со Кнут Хамсун (наспроти трибунското востоличување на неговиот голем претходник и сонародник Ибзен). Напротив, трибунот во староста веќе ја добива митологизираната аура, што ја зајакнува и обезбедува долготрајноста на неговата историска и културолошка важност.

(продолжува)