Се појави од печат најновата поетска книга на Ефтим Клетников со трикратен наслов „Погреб во Преспа. Кај нас и смртта пее. Македонски реквием.“ Изданието е потпомогнато од три родољубиви семејства од Торонто, Канада. Книгата, како што сугерира тоа и нејзиниот наслов, ја развива својата тематска фуга од идентитетската трагедија што се случи во Преспа, во јуни 2018 г. Тоа е отсечно нагласено и во посветата на авторот напред, кој песните во книгата им ги посветува „на сите чесни неодродени Македонци, кои сетија длабока болка по варварскиот идентитетски геноцид што ни се случи со преименувањето во Преспа/Нивици во јуни 2018“.
На почетокот е уште и предговорот, кус инструктивен автоесеј на авторот „Преспа или почеток на крајот на светот“. Во него авторот нагласува дека песните во оваа негова книга не се патриотски од класичен романтичарски тип, како што е тоа вообичаено, туку дека тие имаат многу поширок радиус на контекст, кој ги опфаќа кризата на западната цивилизација, нејзината страшна етичка хипокризија и морално распаѓање, за што говорат и песните на Клетников. Пример за тоа нејзино распаѓање, на цивилизацијата што поетот ја дефинира како иродовска е и идентитетскиот геноцид/етноцид што го изврши со силеџиското преименување над Македонците 2018 г. Таа е иродовска, а Македонците според библиската аналогија на суровата приказна се новите витлеемски деца одбрани за колеж, за заситување на варварскиот нагон за смрт на Македонците, присутен посебно интензивно кај неа од Букурешт 1913 наваму, сè до Преспа 2018. И понатаму, до целосно ништење и на најмалото зрнце историска меморија на Македонците.
Ова е книга на една болна рефлексија на поетско промислување на есхатолошките граници на атрофијата на цивилизацијата со супрематистички ерос, која себеси, за жал, се прогласи за најдемократска, а всушност е колонијалистичка и извезува смрт.