Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои специјалната награда од жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“. Ова беше 43. издание на фестивалот, кој се одржува во португалскиот град Порто. Како еден од наградените филмови, „Кајмак“ имаше специјална дополнителна проекција на затворањето на „Фантаспорто“.
Oва е најнова награда за Манчевски, најтрофејниот македонски режисер, кој има освоено повеќе од 60 меѓународни награди и признанија во досегашната кариера. Меѓу нив се и „златен лав“ во Венеција, номинација за „оскар“, Индепендент спирит (САД), ФИПРЕСЦИ (награда на меѓународната асоцијација на критичари), Давид ди Донатело (Италија), „сребрен кондор“ (Аргентина), „сребрена палма“ во Валенција (Шпанија), најдобра режија на „Реинденс“ (Лондон), најдобар филм на „Синеквест“ (Калифорнија), ФЕДЕОРА (награда на медитеранската критика) Филм на годината во Турција, најдобар филм на Фестивалот во Сао Паоло (Бразил), награда „11 Октомври“, гран при во Санкт Петербург (Русија), почесен докторат од ВГИК (Русија) итн. Најраните награди што ги има освоено за своите филмски остварувања се на фестивалот „Белград алтернативи“ (за експериментален филм) во 1984 и најдобар рап-спот на МТВ во 1991 година.
Португалскиот културен магазин „Лаксанте“ го оценува филмот со четири ѕвезди и пишува: „Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурна убавина, со прекрасна фотографија што успева да го одржи формалното единство без оглед на тоа дали дејствува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и суров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски.“