Сликата на „Свети Мартин и просјакот“ е едно од помалку познатите дела на уметникот Ел Греко. Сцената е едноставна – млад римски благородник на коњ љубезно му дава нешто на млад просјак. Тоа нешто е всушност дел од скапоцената свилена зелена наметка на благородникот. Тоа е сѐ што можеше да сподели благородникот во тој момент. Преполовувајќи ја наметката со мечот, за да може просјакот барем да се покрие. Младиот просјак добил (барем) нешто, а младиот благородник, по име Мартин, добил многу повеќе! На Ел Греко му се допаѓала оваа негова слика, толку многу што направил две верзии: една поголема и една помала. Поголемата била нарачана, а помалата ја насликал за себе и до крајот на животот не се одвојувал од неа.
За Ел Греко
Ел Греко е роден на 1 октомври 1541 година, во Кандија (денес Ираклион), на островот Крит, кој тогаш бил дел од моќната Венецијанска Република. Роден е како Доменикос Теотокопулос, во богато трговско семејство. Псевдонимот Ел Греко го усвоил дури кога трајно се населил во Шпанија, а тоа на шпански значи Грк. Не постои веродостојно припишан портрет или автопортрет на Ел Греко! Малку се знае за неговите почетоци во сликарството. Но тоа секако било во доцновизантиски стил, поконкретно во стилот на веќе оригиналната и препознатлива критска сликарска школа. Во Кандија, иконописците биле добро организирани во професионално здружение, така што во 1563 година бил забележан Мајсторот Доменико (кој во тоа време имал помалку од 22 години), а во 1566 година му била издадена дозвола да продаде една слика за 70 дукати, што тогаш била многу висока цена за работата на еден млад уметник. Во 1567 година, Ел Греко се преселил во Венеција и веднаш почнал да се движи во сликарските кругови на Тицијан и Тинторето. Тој патувал низ Италија, а во 1570 година се населил во Рим. Во документите од Рим се споменува како Доменико Грчки, и тоа секогаш со голема почит. Меѓутоа, тој го напуштил Рим во 1577 година и, преку Џенова, отишол во Шпанија. Со него во Шпанија отишол и неговиот млад италијански помошник и пријател Франческо Пребосте, кој му бил верен придружник. Прво заминал во Мадрид, но набрзо се населил во Толедо, каде што останал до неговата смрт, на 7 април 1614 година.
Додека живеел во Толедо, Ел Греко направил голем број нарачки за цркви, манастири и приватни лица. Имал богата библиотека, на различните јазици што ги зборувал, бил во контакт со многу мислители од своето време, со кои се допишувал…
За Свети Мартин од Тур
Низ историјата постоеле седуммина Свети Мартин, плус еден папа. Свети Мартин од сликата на Ел Греко е познат како Свети Мартин Турски (латински: Sanctus Martinus Turonensis; 316 – 8 ноември 397), бидејќи бил епископ на градот Тур во Франција. Роден е некаде во Панонија и потекнува од богато семејство приврзано кон Римската Империја. Неговиот татко имал титула висок римски офицер, а слична кариера го чекала и Мартин, бидејќи служел во римската коњаница, некаде во Галија. Неговата хагиографија покажува дека неговиот живот драстично се променил една зима, на пат за Амиен, за време на средба со просјак, кога со меч ја преполовил својата наметка и му дал дел на просјакот.
Таа ноќ во сон му се јавил Исус Христос, завиткан во таа половина од наметката на Мартин, и му рекол: „Мартин, ти ме облече во твојата облека, дозволи ми да те облечам со мојата!“. Мартин станал христијанин и остатокот од својот живот го посветил на христијанските добра. Симоне Мартини во 1322 – 1326 година ја насликал сцената во која Мартин ја напушта римската војска, а оваа фреска се наоѓа во Долната базилика на Свети Франциско Асишки, во Асизи.
За сликата
Сликата е направена помеѓу 1597 и 1599 година. Се работи за масло на платно, со димензии 193,5 x 103 см. Сместена е во Националната галерија на уметноста во Вашингтон. Помалата верзија на сликата е создадена помеѓу 1597 и 1600 година, исто така масло на платно, со димензии 110 x 63 см, и се чува во Институтот за уметност во Чикаго. Разликите се незначителни, а најмногу може да се забележат во формите и распоредот на облаците, како и во малку поинаку обоениот град во заднината. Првата верзија е направена за приватната капела на семејството Сан Хозе од Толедо. Втората верзија Ел Греко ја насликал за себе. Резимето на сликата, во суштинска смисла, веќе го објаснивме и доволен е само еден поглед на неа за сѐ да ни биде јасно. Но дали е тоа така?
Мартин е убав млад човек, во скапа облека, облечен во скапа наметка и качен е на скапоцен чистокрвен коњ. Постојат оправдани мислења дека Ел Греко во ликот на Мартин се насликал себеси кога бил млад. Тоа значи дека горе-долу се знае сè за младиот човек на коњ, колку што се знае и за Свети Мартин и самиот Ел Греко! Но не знаеме ништо за просјакот, што и не е особено невообичаено. Меѓутоа, овде многу би се излажале, бидејќи во ликот на просјакот го гледаме Франческо Пребосте, младиот италијански помошник и пријател на Ел Греко, кој му бил верен придружник до крајот на животот! Ел Греко во својот тестамент на Франческо му оставил, покрај значителна сума пари, и еден дел од својата библиотека, како и помалата верзија на сликата „Свети Мартин и просјакот“!
Франческо бил чест модел на сликите на Ел Греко. Освен на споменатата слика, тој позирал и за многу други, на пример: „Богородица со дете, Свети Мартин и Света Агнес“ (1597 – 1599) – како Свети Мартин; „Отворање на петтиот печат“ (1608 – 1614) – млад човек од левата страна на сликата; „Лаокон“ (1610 – 1614) – млад човек исто така на левата страна на сликата; „Свети Јован Крстител и Свети Јован Евангелист“ (1600 – 1610) – како Свети Јован Евангелист…, а особено за сите три слики посветени на мачеништвото на Свети Себастијан.