Творештвото на Невена Алексовски произлегува од нејзиното истражување на семејните преселби, на припадноста и на односот кон земјата. Изложбата, како и книгата,се всушност комуникација со предците, со кои врската била прекината поради нивните преселби или поради предвремена смрт
Невена Алексовски, словенечка уметница со македонско потекло
Невена Алексовски, словенечка уметница, за првпат својата уметност ја изложи пред македонската публика на десеттото, јубилејно издание на фестивалот „Прво па женско“. Таа е активна на словенечката независна уметничка сцена, има голем број самостојни и групни изложби. Во галеријата на „Прајват принт“ се претстави со самостојна изложба, насловена „Земјата во нашите џебови“. Истовремено со изложбата беше промовирана и нејзината нова книга „Меланхолија на напуштените краишта“. Творештвото на Невена Алексовски произлегува од нејзиното истражување на семејните преселби, на припадноста и на односот кон земјата. Изложбата, како и книгата, е всушност комуникација со предците, со кои врската била прекината поради нивните преселби или поради предвремена смрт.
Со изложбата „Земјата во нашите џебови“ ги истражувате вашите семејни корени, потеклото и припадноста и односот кон земјата. Што ве иницира да се позанимавате со прашањето на потеклото?
– Во рамките на оваа изложба ги истражував темите за потеклото, семејната историја, (не)припадноста, миграциското искуство и воопшто односот кон земјата, домот, татковината од интимна и емотивна перспектива. Темата ја иницира поканата на девојките од организацијата „Тииит! Инк!“ изложбата да ја реализираат во рамките на десеттото издание на нивниот голем фестивал „Прво па женско“. Кога ја добив таа покана, веднаш знаев дека сакам да се занимавам со теми поврзани со моето македонско потекло, бидејќи не можев да го игнорирам фактот дека изложбата ќе се организира токму овде, во Македонија, земјата на моите предци.
Што сѐ опфаќа изложбата и беше ли деликатно да се претстави вашиот внатрешен свет пред јавноста?
– На оваа изложба презентирав дела што не се толку типични за мојата досегашна практика, која главно се базира на сликање и цртање. На изложбата беа изложени и неколку цртежи, но преовладуваа инсталацијата, фотографијата и пронајдените предмети, така што, во таа смисла, работата на изложбата беше интересна и поинаква. Претставувањето на мојот интимен, внатрешен свет и семејна историја пред јавноста е секако деликатно и на свој начин специфично, но како некој што долги години активно се занимава со уметност, навикната сум на тоа. Мислам и дека, меѓу другото, тоа е улогата на уметниците – искрено и директно, преку својот пример и проживеано искуство, на публиката да ѝ го претстават она што е универзално и заедничко во тоа искуство.
Какви емоции ве совладаа во Скопје?
– Работата на оваа изложба и воопшто на целото истражување на мојата семејна историја и потекло беше многу емотивен процес. Јас всушност многу малку знаев за моите македонски предци. Моите баба и дедо, кога биле многу мали, се преселиле од околината на Крива Паланка во Бор, рударски град на истокот на Србија, кој во тоа време се развивал. Со текот на времето, врската со Македонија некако ослабнала или целосно се прекинала, така што растејќи не добивав многу информации за животот овде и за нашето семејство. Токму затоа истражувачкиот процес во рамките на оваа изложба беше многу вреден и емотивен – добив чувство дека откривам дел од себе што беше многу важен, но кој досега беше скриен. Исто така и фактот дека овие луѓе, моите предци, живееле тежок живот, во сиромашни планински села и дека во текот на нивниот живот морале многу да жртвуваат и да работат напорно за нивните идни генерации, вклучувајќи ме и мене, да имаат подобар и полесен животот, придонесе да сфатам во себе колкава љубов и почит имам кон нив.
Што сѐ е спакувано во „Меланхолија на напуштените краишта“?
– „Меланхолија на напуштените земји“ е насловот на уметничката книга што излезе како дел од изложбата и со која всушност започнаа истражувањето и работата на изложбата. Книгата е издадена и уредена од одличен тим од издавачката куќа „Прајват принт“, во чие студио се реализира изложбата. Книгата е составена од комбинација на семејни, архивски фотографии од моето семејство, фотографии што ги направив при посетата на селата од каде што потекнува моето семејство и минималистички цртежи, кои на интуитивен и експресивен начин ги обработуваат споменатите теми. Книгата е замислена како еден вид визуелна поезија и комуникација со моите предци преку уметничко творештво, а доминантната емоција во книгата секако е меланхолијата, како што укажува и самиот наслов. Силен впечаток ми остави тоа што моите предци, откако се иселиле, никогаш не се вратиле во родните села, кои сега практично веќе ги нема. Навистина е фасцинантен фактот што јас сум само трета генерација што не живее таму и што сега областа е целосно преземена од природа, шуми и трева.
Какви емоции и предизвици носи со себе преселбата и каква порака сакате да испратите?
– Преселувањето, миграцијата воопшто и барањето подобро место за живеење за себе и за своето семејство е многу природна и нормална работа, која се случува уште од постоењето на човечкиот вид и без која нашата цивилизација денес би изгледала сосема поинаку. Но, покрај природноста на тој процес, како што знаеме, сè уште сме соочени со негативниот однос на голем дел од светот кон миграцијата и мигрантите, со многу дискриминација, расизам и насилство. Покрај тоа што моето семејство се селело неколкупати, и јас го имам тоа искуство – имено, по завршувањето на факултетот се преселив во Љубљана, каде што живеам и денес. Моето искуство со преселбата беше генерално позитивно, иако процесот е исто така тежок и напорен понекогаш. Преку работата на книгата и изложбата сакав некако да го претставам тоа искуство од моја интимна перспектива, како и од перспектива на моето семејство, но и да се обидам да покажам што е универзално во тоа искуство, што е она што сите ние го чувствуваме и низ што поминуваме во тој процес на напуштање на еден дом и создавање друг, почнувајќи од нула, градење живот некаде каде што никој не те познава, приспособување на нова култура итн. Затоа не би рекла дека книгата „Меланхолија на напуштените земји“ има само една порака, туку дека преку неа се обидов да ја изразам универзалноста на миграциското искуство, кое веќе го спомнав, и некако да фрли светлина на прашањето за раселување, напуштање на земјата, како и депопулацијата на селата и помалите градови.