Денеска, во 11 часот, во МАНУ ќе се одржи промоција на изданието „Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката – лексички материјали)“, дело произлезено како резултат на заедничката соработка меѓу Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. За ова дело беше доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година како особено значајно остварување од интерес за Македонија во областа на науката.
Во овој атлас се обработени 50 дијалектни карти претставени со речиси 400 населени места од целата македонска јазична територија. Од особено значење е тоа што во овој том се објавени лексички карти и од сегашните и од поранешните македонски дијалектолози, со што современата обработка се надоврзува на традицијата и континуитетот во обработката на македонските дијалекти. Со овој пристап „Македонскиот дијалектен атлас“ ја отсликува работата на сите претходници и современици, истовремено прикажувајќи дел од огромното лексичко богатство на македонската дијалектна територија.
На промоцијата поздравни говори ќе одржат претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов, и директорката на ИМЈ „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска. Промотор на изданието е Лилјана Макаријоска, дописен член на МАНУ, а обраќања ќе имаат и главните редактори на атласот, Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ, и акад. Марјан Марковиќ. Во рамките на програмата ќе се одржи и презентација на веб-порталот „Дигитални ресурси на македонскиот јазик“.