Ин мемориам: Елијас Петропулос (1928-2003)
Јордан Плевнеш
Прогонетиот грчки мит Елијас Петропулос, автор на шеесетина книги: историја, феноменологија, фолклористика, поетика, пред да почине во Париз го напиша својот поетски тестамент и го предаде во Префектурата во вид на поема напишана на грчки и во препев на француски јазик што ќе ја наведам во целост:
„Ме прашуваат често, тие што не знаат ништо: Зошто не се враќаш во Грција? Задолжително, јас сум Грк! Задолжително! Но, мојата земја ми го кине срцето Нога моја никогаш повеќе не ќе стапне во Атина. Ѝ велам на жена ми: Кога ќе цркнам, овде во Париз, изгори го мојот труп и фрли ја пепелта во канализација.
Тоа е мојот тестамент“.
И така би. Неговата љубена Мери Кукулес нѐ покани сите во крематориумот во Пер Лашез, јас дури во својство на амбасадор на Република Македонија во Франција одржав говор што го цитираше целиот грчки печат. Бидејќи Елијас се искажуваше по сите табу-теми на грчката современа историја, вклучувајќи ја и неговата капитална реченица, во главниот дневник на француската телевизија:
„Грција нема право на монопол над името Македонија“.
Се сеќавам како вчера да беше, на моето биро во амбасадата го добив своерачното писмо од тогашниот амбасадор на Македонија во Атина, Благој Ханџиски, во кое ми пишуваше:„Драг пријателе, кога ги читав зборовите од твојот говор во Париз изречени за твојот духовен собрат Петропулос имав чувство дека тоа беше единствениот ден кога бев горд што сум амбасадор на Македонија во Атина“.
Сега често пати кога поминувам покрај Пер Лашез, кога поминувам по улицата Муфтар, се сеќавам на неговата мала, но како бесценет камен поема, која нема ништо заедничко со состојбите на Балканот, а го изразува на бескрајно силен начин неговиот атеистички дух.
Како Ин мемориам нека се спомнува на сите познати и непознати јазици на светот: „Убавите жени стареат, тоа е врвен доказ дека Бог не постои“.
Потсетување на еден бесмртен дух
На 7 септември се навршуваат 15 години од заминувањето во вечноста на Елијас Петропулос, чија книга „Зошто не се враќам во Грција“, во препев на Мери Кукулес и Лилјана Котевска-Плевнеш, со предговор од Јордан Плевнеш, ја објави издавачката куќа „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“ во 1995 година. Со големиот број почитувачи на неговото дело во Грција, во Македонија и во сите балкански земји, како и во Европа и во светски рамки, „Нова Македонија“ го објавува овој текст на Јордан Плевнеш од неговата поетска збирка „Уби поезија, иби патрија“, како потсетување на големиот пријател на Македонија и неговиот бесмртен дух.