Тим научници открија повеќе од 100 праисториски гравури, распоредени на плоча од осум метри, во пештерата позната како Кова де ла Вила, во североисточниот регион на Шпанија, Каталонија. Тимот од Каталонскиот институт за човечка палеоекологија и социјална еволуција (ИПХЕС) ги опиша делата пронајдени во медитеранската подземна галерија како исклучителни, и по нивната уникатност и по нивната одлична зачуваност.
Според експертот од ИПХЕС, Рамон Вињас, делата претставуваат поглед на светот на првите земјоделски општества за време на халколитот и бронзеното време.
Гравурите беа откриени за првпат на 13 мај 2021 година од група од тројца истражувачи на пештерите, а потоа беа анализирани од археолози и палеонтолози од ИПХЕС, се вели во соопштението на институтот.
Примерите за пештерска уметност вклучуваат прикази на различни четириножни фигури, цикцак, линеарни, аголни и кружни линии, како и голем број зооморфи (можеби говеда и копитари), ѕвездовидни и мрежести линии. Откривањето на пештерската уметност претставува еден од ретките прикази на подземна шематска уметност во целиот медитерански лак – соопшти регионалната влада на Каталонија.
Според ИПХЕС, откритието означува историска пресвртница за праисториската археологија. Пештерата била истражена од Салвадор Виласека во 1940-тите години, но нејзината локација била изгубена. Истражувачите успеаја да отворат мала дупка помеѓу камените блокови и стигнаа до овална соба од повеќе од 90 квадратни метри.
Првата личност што влезе беше Џули Серано, кој, на негово изненадување, виде мурал полн со линии и фигури.
– Кога влегов во големата, тркалезна празнина и видов што има внатре, почувствував многу голема емоција, која ќе ја носам со себе до крајот на мојот живот – вели тој.
И без да знае, тој штотуку откри еден од најважните прикази на праисториска пештерска уметност. Од тој момент, истражувачите Рамон Вињас и Жозеп Валверду од ИПХЕС почнаа да работат на локацијата.
Вињас нагласи дека плочата со гравури е структурирана по пет хоризонтални линии, една над друга и дека секоја од нив содржи различни врежани фигури што имаат свое значење и симболика. Научникот истакнува дека се работи за „апсолутно необична“ композиција што укажува на светогледот на населението на територијата за време на процесот на неолитизација.
– Една од особеностите е тоа што оваа пештерска уметност е направена исклучиво со техника на гравирање, со помош на камени или дрвени алатки или директно со прстите – објасни Вињас.
Истражувачот смета дека тоа, како и фактот дека е стилски многу хомогено, укажува на симболично значење. Тоа не е резултат на случајност.
Во текот на преодниот период помеѓу халколитот и бронзената доба, помеѓу доцниот петти и доцниот трети милениум пр. н.е., човечките групи главно биле на отворено, а нивното присуство било многу ретко во подземните шуплини на Каталонија, на североистокот на Пиринејскиот Полуостров. На друго место во Шпанија примери на подземни простории се пронајдени и во Андалузија, Сеговија, Бургос и во Сорија.
За да го гарантира неговото зачувување, регионалната влада го затвори пристапот до Сала делс Граватс (соба за гравирање). Локацијата е прогласена за културно богатство од национален интерес и се работи на создавање 3Д-модел на пештерата, пишува „Ел паис“.