(за првата книга проза „Тајна историја“ на Димитрие Дурацовски)

Антиупатства за лична употреба

Во пролетта 1986-та, во графички симпатичната џебна едиција на „Млад борец“ се појавија две прозни книги, не големи по обем, но поетички скапоцени: „Скарбо во мојот двор“ на Јадранка Владова и „Тајна историја“ на Димитрие Дурацовски. Расказите на Владова веќе беа делумно објавувани по периодиката, додека Дурацовски, во согласност со насловот на својата збирка, беше загадочен, поневидлив. Но навлегувајќи во неговата книга, читателот можеше да открие ретко љубопитна, начитана и коресподентна авторска личност, зануркана во опсесивниот свет на лектирата, а покрај тоа отворена за суптилни асоцијативни споеви со „надворешното“ постоење. Минувањето на прагот меѓу секојдневието и навидум невидливата страна на искуството во ракописот „Тајна историја“ на Димитрие Дурацовски е изведено подисциплинирано, поборхесовски отколку кај Владова во „Скарбо“. Дурацовски, инаку и особен сликар, има меѓу раните колажи на кој што, на рамномерно изделени полиња, е мултиплициран портретот на енигматичниот мајстор, а само во долното лево поле е потисната фотографијата на младиот Дурацовски. Колажот носи наслов „Борхес и јас“.

Фасцинираноста од Борхес избива веќе од воведната белешка на „Тајна историја“, каде што во речиси потсмевлив контекст пресната стварност е поставена наспроти реализираната литература: „И ако некому му изгледа дека во неа има премногу неверојатни, фантастични настани – тој е во заблуда“. Стварноста на книгата, според борхесовската интервенција, е поубедлива, „подокументирана“ од она што јавно се наметнува како реалност. Од тој аспект, и надвор од неизбежниот Борхес, „Тајна историја“ е една од многубројните впечатливи книги на овој век, пишувани во потрага по изгубеното време, од кои речиси секоја, на свој начин, го поставува прустовското прашање: можно ли е, во спонтаниот пробив на минатото, да се дофати барем „малку време во чиста состојба“?

Во основа длабоко лична, исповедта на Дурацовски е истовремено полемична – тој не се задоволува со враќањето кон блесоците на ненадејното или, пак, намерното сеќавање, туку ги анализира и ги реорганизира – благороден напор да се скроти деструктивноста на минатото (и покрај силната свест за неговата неминовност. Една средба, една глетка се доволни надворешниот свет да се пропушти низ себе, во царството на внатрешниот вид, каде што, наспроти контролираната, понекогаш осенилена стварност, се врши длабинска преобразба, преструктурирање на доживеаното според интензитетот на личните духовни состојби. Настанува тајната историја, внатрешната хроника на индивидуалната судбина, преку селектирани, збирни мигови на единственото, неповторливо постоење. Разработката на детаљот кај Дурацовски, поткрепена со сликарското искуство, пред сѐ ја користи визуализацијата. Како на платно се назначуваат основните линии и бои, потоа се запрашува – во што е тајната функционалност на определениот потег. Самата градба на оваа книга е смислена како вовед („Поминувам ли јас?“), разработка („Ноќна стража“, „Текстови и коментар“, „Разредено и составено“) и повторно прашање („Два примера“) како потрага за постојаноста на потрагата („Иницијација“). Појавата на Двојникот, на „твојот удвоен лик што егзистира во некој паралелен свет“, толку ефектно користен во современата литература, во постапката на онеобичувања кај Дурацовски има судбинска определба – потрагата кон вишата смисла е невозможна без постојано присуство на другиот, кој и во „највистинското“ случување учествува како коментатор. Некогаш, коментарите или дообјаснувањата на второто „јас“ се иронично надмоќни, но најчесто и тој е оној што прашува – неговиот однос кон духовниот пејзаж што се/го создава содржи во себе трепет на љубопитен гледач додека го придвижува пердето зад кое се скрил таинствениот предел. И покрај сите утврдени законитости, што го почитуваат огромниот придонес на претходниците, секогаш можат да се случат непредвидливи нешта што Дурацовски ги прифаќа со сета страст на истражувач.

(продолжува)