Водата е дел и од нашата поетска традиција, како неразделив елемент во поезијата на македонските класици Блаже Конески, Матеја Матевски, Анте Поповски, Ацо Шопов, Радован Павловски…
Гордана Каракашевска, поетеса
Поетската книга „Патот на водата“ од Гордана Каракакашевска е автобиографска емотивна мапа низ која авторката нѐ води на вистинско поетско уживање за сладокусци. Земајќи ја водата како појдовна точка, таа навлегува во нејзината симболика и преку неа ја пресликува својата духовна состојба. Водата како извор на живот, водата без која нема живот, плодовата вода од која сме изнедрени и од која самите сме сочинети. Книгата се состои од три дела, и тоа пролог, главен дел со наслов „Постанок“, кој во себе содржи 51 песна, и епилог. Низ книгата се застапени и 14 илустрации од самата авторка, кои го збогатуваат целото уметничко доживување.
Гордана Каракашевска е авторка и на книгата раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други ситни зрнца“ (2021), стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ (2021) и на романот „Разголување во годината на козата“ (2021).
Пишувате за животот, осаменоста, стравовите, сето тоа дестилирано низ длабочините на водата. Како настана „Патот на водата“?
– Во „Патот на водата“ на свој начин го опеав симболот на еден од најзначајните основни елементи – водата. Природата дејствува според вечни и нужни закони што ние не можеме да ги промениме. Нѐ восхитува, па ужаснува некоја природна појава. Отсекогаш најголемо задоволство ми причинуваше поетското изразување на сѐ што забележував кај себе, кај другите и во природата. Водата во моето творештво е присутна уште во првата стихозбирка „Скршен поет и други поеми“, за да продолжи во втората поетска книга „Куќа од хартија“ и во книгата што излезе од печат годинава – „Патот на водата“, така што водата овие три различни дела ги поврзува во трилогија и може да се гледаат или како едно дело или како три поединечни дела. Книгата е богата со свежи и силни метафори. Песните си дишат со свој здив, без премногу теоретизирање. Тоа е компактна книга, без безидејни блефови. Нема празни песни, сѐ е полно со значење и свеж јазик. Нема ниедна усилена метафора. За поезијата сама по себе не е можно да се најде никакво начело, таа е премногу духовна и непостојана. Сликарството, уметноста што може со очите да се фиксира и да се следи чекор по чекор со надворешните сетила, се чини посоодветна за таа цел. Сликарството ги изнесува сликите пред очи, а поезијата пред фантазијата. Но од каде слики ако не од природата? Сликарот очигледно ја имитира природата, зошто тоа да не го прави и поетот? Поезијата треба да ги подобри луѓето, една песна својата крајна цел ја постигнува дури тогаш кога ќе биде и корисна, покрај други нешта.
Каква е длабоката симболика што со себе ја носи водата во вашите песни?
– Карл Јунг во „Архетипи и колективното несвесно“ пишува дека водата е најпозната слика – претстава за несвесното. Оттука, поетската книга „Патот на водата“ е длабоко и исконско емотивно патување. Таа е автобиографска емотивна мапа, каде што земајќи ја водата како појдовна точка, навлегувам во нејзината симболика и преку неа ја пресликувам својата духовна состојба. Водата како извор на живот, водата без која нема живот, плодовата вода од која сме изнедрени и од која самите сме сочинети. Водата во сите агрегатни форми, во сите облици, не е само еден од четирите елементи, туку и како дел од нашата поетска традиција, како неразделив елемент во поезијата на македонските класици Блаже Конески, Матеја Матевски, Анте Поповски, Ацо Шопов, Радован Павловски и др. Оваа нишка е незабележлива на прв поглед, за разлика од интертекстуалноста, која е директно вткаена во книгата помеѓу мене и Вирџинија Вулф, Силвија Плат, Волт Витман, но комуницирам и се повикувам и на уметници како Салвадор Дали. „Патот на водата“ ја напишав откако го минав патот на поетското трагање и пронаоѓање. Во книгата преовладува атмосфера на мала меланхолија, нежна и галовна, лирична, певлива, но во неа провеваат и надеж и жар за љубов и светлина.
Во вашиот светоглед се чинат нераскинливи природата и поезијата…
– Тешко е да се опише колку многу Охридско Езеро, реката Црн Дрим, планината Галичица и градовите Охрид и Струга ме оживуваа, инспирираа и ми користеа во пишувањето на нешто што мене многу ми значи – моите песни. Тоа најмногу се гледа во тоа што од престојот покрај водата се родија возбудливи и богати стихови овековечени во книга. Книгата е доказ дека некој факт од нашиот живот не е важен според тоа колку е вистинит, туку колку значел. Околината на Охрид е археолошко писмо на сѐ уште неистражени цивилизации. Охрид е бисер на природата, меридијан на древна и современа Македонија. Од мугрите на цивилизацијата Охрид ја носи светлината на писменоста и културата низ векови. Поетите на светот ги сакаат Охридско Езеро, Охрид и Струга, тие се колепка на македонската модерна поезија, таму минувала Виа Егнација како врска меѓу царствата и цивилизациите. Македонскиот јазик е со голема и богата вековна и духовна култура. Склопот на природата во Охрид и Струга е таков што мојата фантазија ги надвишува околните планини и ѕвезди. Преку тој крај нашата традиција е една од најстарите во Европа и во светот, така што таму, сосема природно песните во мене растеа.
Дали сум во право дека во вашите стихови се наѕира и страв?
– Всушност, мојот најголем страв, покрај стравот од смртта и стравот од осаменоста, е страв од водата во сите нејзини големини, состојби и форми. Континуирано пишувам за водата, смртта и осаменоста, значи пишувам за тоа од што се плашам. Убедена сум дека е подобро човек да има храброст да се бори отколку слабост што трае. Пишувањето е мојата борба. За мене, вистински херој е оној што има храброст да ја поднесе својата судбина. Многу луѓе ретко имаат шанса да станат херои, но многу од нив се јунаци во својот или во нечиј друг живот. Оттука, најголемиот страв на еден ден е можноста да биде победен, но, аналогно на тоа, и можноста да не биде, односно можноста тој да победи.
Колку вистина внесовте во стиховите и дали само совеста е навистина праведна?
– Во моите стихови и свесно и несвесно го оставам срцето да ги бои шарите на болката. За мене, вистинската поезија се одликува со тоа што умее да нѐ ослободи од земскиот товар со душевна ведрина, со надворешна пријатност. Таа нѐ крева и ни овозможува од висина да ги видиме заплетканите патишта на Земјата. Отсекогаш ми биле важни вистината и правдата. Но, во овој свет, кому му се потребни голата вистина и слабата праведност? А сепак, и доколку успееме нив да ги измамиме, никогаш нема да успееме да ја измамиме нашата совест. Таа е гласот на душата. А, без душа и без совест што сме? Затоа верувам дека само совеста е навистина праведна.
Дали идеите се раѓаат во осаменост и дали навистина сѐ што правиме, правиме за да не се почувствуваме осамено?
– Пишувањето е осама – молчење во неоткриен дел од вселената, иако творењето е јавен чин, револуција во мало, а поезијата е глас од утре. Пишувањето е и продолжено читање. Поетот се раѓа. Поетот е дете и старец. Пишувањето е вечно трагање и откривање на животот иако пишувањето книги е еден голем осаменички живот. За мене, поезијата е рамнотежа на материјалниот и духовниот свет. Без одмор ги барав песните, потоа им претстоеше зреење. Сместени во книга, песните имаат свој дом, свој храм, престорени во егзистенцијален облик на духот на времето.
На што работите во моментов?
– Веќе долго време работам на мојот втор роман „Градот, реката и езерото“, како што го нареков во своите белешки. Дејството се одвива во Струга. Во последниве шест години одвреме-навреме се зафаќав со работа, пишував, а потоа дозволував од него да ме оттргне некој друг проект – поема, роман во стих со автобиографски записи, поетските книги или книгите за деца. По многубројните измени и додавања, конечно знам за што мора да зборува тој роман. Самиот процес на пишување роман ме исполнува со страв од пишување, од причина што за мене тоа никако не е безопасен и безболен потфат. Најмногу уживам додека ги пишувам книгите за деца, зашто тогаш можам да живеам во фантастичниот свет на децата полн со магиски реализам, а тоа е токму тоа што мене многу ми е потребно. Забавно е да се криете во тој свет. Од друга страна, најтешко е да пишувате за деца. Сите автори мечтаат да напишат книга што ќе стане своевиден феномен и што ќе ја читаат многу генерации. Моето пишување ме тера да се соочам со себе. Со пишувањето станувам посилна. Така поминав шест години бегајќи од работата на својот следен роман и наоѓајќи утеха во уредувањето на книгите поезија. Исто така правев белешки на моите размислувања за книжевноста. Според мене, писател може да биде само оној што има храброст да биде искрен. Само тој што нема никаков друг избор треба да се занимава со пишување. Единствено тој што не може да му одолее на својот писателски нагон и нема друг избор освен да се фати за пенкало може да биде писател. Без тој нагон, кој може да се занимава со пишување? Никогаш не било лесно да се каже вистината и никогаш не било лесно да се пишува за неа. Мојот живот никако не беше обичен, исто како и животот на кој било друг писател. За мене, пишувањето книга претставува обид да дадам некои од одговорите за нештата што ми се важни, за грешките со кои растев и созревав и за нештата и искуствата што денес ме доведоа дотука. По својата природа, пишувањето претставува специфично искуство за секој автор.
Велите: „Пишувајќи, секогаш сте на патот кон својата цел, но никако не стигнувате до неа“. Чувствувате ли дека полека ја достигнувате својата цел?
– Пишувањето и читањето се осаменички активности. Факт е дека сите најдобри романсиери ја почнале кариерата како поети. Кога запловив во книжевните води, еден долг период пишував во машки род. Знаев дека можам да бидам писател, но тоа беше сомнежот дека имам право да се огласам во книжевниот свет. Црвот во мене грицкаше и ме убедуваше дека имам право да се занимавам со пишување единствено и само доколку пишувам во машки род. Секогаш чувствував страв од објавување на збирките песни, а подоцна и на другите книги. На 50-годишна возраст сфатив дека е бесмислено да се троши време чекајќи одобрување од јавноста. Осознав дека ние не пишуваме некоја посебна песна или книга. Целиот живот на писателите е една единствена долга песна. Мојата наредна книга се надоврзува на претходната. „Куќа од хартија“ е продолжение на „Скршен поет и други поеми“, а „Патот на водата“ се надоврзува на „Куќа од хартија“. Кога пишувам, ми се чини дека далечните хоризонти имаат златен сјај, а некои други неба се поблиски и посини. Ми требаше страшно долго време за да излезам на книжевната сцена, поточно цели триесет години. Се плашев. Дури откако почнав да ги објавувам моите книги пронајдов спокојство. Кога престанав да размислувам за стравовите и сомневањата, тие почнаа да ја губат својата сила. Кога престанав да верувам дека добрите работи се невозможни, сè стана возможно. Отсекогаш сум ја сметала книжевноста за уметност. Да пишуваш, истовремено е и радост и агонија. Пишувањето претставува обид да се зачува минатото. Од друга страна, пишувањето е најголема авантура, најголемо патување. Само оној што пишува ги запознал некогаш таа радост и тоа уживање за кое овде говорам. Сакав да станам сликарка, а потоа ја открив магијата на пишувањето и станав зависна од него. Меѓутоа, иако веќе не сликам, и понатаму го гледам светот со очи на сликар. Пишувајќи го реконструирам сопственото детство. На тој начин одново поминувам низ своето растење и обликување. Тоа не би можела да го постигнам ако му се посветев на сликарството. Најдобри писатели се оние што се откажале од еден талент и целосно му се посветиле на пишувањето. Пишувањето ги дава најголемата можна слобода и чувството дека сте бесмртни. Од друга страна, читањето поезија „меѓу обичниот народ“ е ретка појава и покрај многубројните поетски манифестации во градот и низ државата. Поетите мора да сонуваат, а во Македонија е многу тешко да си го дозволите тоа уживање. Да, тоа е тој опасен миг на јасно осознавање. И да, сѐ што правиме, правиме да не се почувствуваме осамено.