Светот е сцена
Во Луксор, Египет, е пронајдена нова гробница, најверојатно на сопругата на кралот од 18-та династија, на која ѝ припаѓале фараоните Ахнатон и Тутанкамон пред 3.500 години, објавија египетските власти. Оваа кралска гробница ја открија египетски и британски научници на западниот брег на Нил, каде што се наоѓа познатата Долина на кралевите, а ископувањата продолжуваат, како што изјави археологот Мостафа Вазири, генерален секретар на Врховниот совет за египетски антиквитети.
– Но веќе „првите елементи откриени во гробницата се чини дека укажуваат на тоа дека таа датира од 18-та династија“, која се смета за врвен и најнапреден период на Древен Египет – рече Вазири.
Пирс Литерланд од Универзитетот во Кембриџ, кој е водач на тимот британски научници во оваа мисија, смета дека новопронајдената гробница е изградена за „сопругата или принцезата на кралот“.
Внатрешноста на гробницата е во лоша состојба, бидејќи „многубројни делови и натписи биле уништени од поплавите што ги исполниле подземните простории со наслаги од песок и варовник“, како што потенцира египетскиот археолог Мохсен Камел.
Во последните месеци, Египет претстави неколку големи откритија, особено во некрополата Сакара јужно од Каиро.
Оваа земја со 104 милиони жители е во тешка економска криза и смета на нови археолошки откритија што ќе помогнат во обновувањето на туризмот, важна туристичка активност што претрпе тежок удар поради пандемијата на ковид-19. Секторот, кој вработува два милиони луѓе и носи повеќе од 10 отсто во БДП, навистина не закрепна од Арапската пролет во 2011 година. Каиро со месеци го ветуваше отворањето на „Големиот египетски музеј“ во Гиза, но датумот за инаугурација сѐ уште не е објавен. Многумина предвидуваа дека тоа ќе се случи во 2022 година, на 200-годишнината од откривањето на Каменот од Розета, благодарение на што Жан-Франсоа Шамполион го дешифрираше пишувањето на Древен Египет, и стогодишнината од откривањето на гробницата на момчето фараон Тутанкамон, но тоа не се оствари.