Од печат излезе книгата „Ќе се разбудам на Шибуја“ од чешката авторка Ана Цима, а во превод на Донка Роус, во издание на издавачката куќа „Славика либрис“ од Скопје. Романот „Ќе се разбудам на Шибуја“ е чешки роман за јапонскиот сон.
Кога седумнаесетгодишната Јана доаѓа во сонуваното Токио, посакува тука да остане засекогаш. Брзо се уверува во недогледните последици од таквата желба. Ќе се најде, всушност, затворена во магичен круг во бучниот кварт Шибуја.
Додека помладиот лик на Јана талка низ градот, доживува чудни ситуации и бара пат за дома, дваесет и четиригодишната Јана во Прага студира јапонистика, се труди да добие стипендија за Токио и заедно со постариот колега се труди да преведе јапонски расказ…
Читлив и напишан на свеж разговорен јазик, романот првенче на младата јапонистка е посветен на барањето пат кон различната култура, за нееднозначноста на реалниот свет и за деликатноста на исполнетиот сон.
Ана Цима (1991) е чешка јапонистка, преведувачка и писателка. Во моментот со својот сопруг Игор Цима, јапонист, живее во Јапонија и ја проучува повоената јапонска литература. Вниманието на јавноста го привлекла уште со својот прв роман „Ќе се разбудам на Шибуја“, кој во 2019 г. добил неколку награди, како „Магнезија литера“ за откритие на годината, наградата „Чешка книга“ и наградата за млад автор „Јиржи Ортен“. Романот е делумно инспириран од животот на авторката, но не се работи за автобиографско дело, туку повеќе е пример за магичниот реализам што е типичен токму за јапонската литература.