Романот „Тил“ од еден од водечките современи германски писатели, Даниел Келман, е објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Артконект“.
Критиката го оценува „Тил“ како досега најдобриот роман на Келман. Инспириран од фолклорните приказни за легендарниот лик Тил Ојленшпигел, авторот гради сложена приказна што балансира на границите на реалноста и ја преиспитува моќта на книжевноста.
Со романот „Тил“, Даниел Келман беше во најтесниот избор за меѓународната награда „букер“ во 2020 година. Преводот од германски е на Катерина Јосифоска. Јосифоска е доктор по филолошки науки, а преведува од германски, шпански и англиски јазик. За својот преведувачки труд ги добила наградите „Пол Целан“ во 2012 и „Златно перо“ во 2015 година. Книгата „Тил“ е објавена во рамките на проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература“, со поддршка на програмата „Креативна Европа“ и Министерството за култура.