Кога се случуваат ребаланси на буџетот, некако на надлежните им е наједноставно да кратат од културата и филмот, а сето тоа може да ја доведе во прашање егзистенцијата на филмската дејност, бидејќи во најголем дел од случаите станува збор за независни продукции што зависат од овие пари, вели Игор Иванов-Изи

Игор Иванов-Изи, режисер и претседател на ДФРМ

Во рамките на манифестацијата „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, беше одржан и првиот Интернационален филмски форум, на кој присуствуваа девет директори од релевантни филмски национални институции во регионот. На форумот беше продлабочена соработката со регионалните продукции и беа разменети искуства во насока на поголема поддршка на македонската кинематографија. Стана збор и за позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, состојбата на буџетирање на нашиот филм, моделите на копродукција, за што подетално зборува Игор Иванов-Изи, филмски режисер и актуелен претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ).

Годинава се одржа и четвртото издание на „Златна рамка“ во организација на ДФРМ, која е идејата зад оваа филмска манифестација и која е нејзината главна цел?
– Примарната цел на оваа ревија е промоција и афирмација на македонскиот филм, а важно е и тоа што претставува еден вид отчет за сработените филмови поддржани од Агенцијата за филм. Идејата е пред јавноста да биде презентирана целокупната продукција во изминатата календарска година, за разлика од годините порано кога публиката и јавноста немаа увид во снимените филмови и каде, всушност, биле потрошени јавните пари. Сметаме дека еден ваков настан е добар начин да биде разбиена целата мистификација околу филмот, бидејќи станува збор за пари на даночните обврзници, барем во голем дел кога станува збор за финансирање на филмот и добро е тоа да биде ставено пред очите на граѓаните. Оваа година, манифестацијата понуди осум филма од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни, еден документарен и четири краткометражни остварувања. Покрај основниот мотив, „Златна рамка“ дава можност и за дружење меѓу филмските работници.
На форумот се отвори и една многу важна тема, „Модели на финансирање и легислатива и регионална соработка, можности и унапредување“. Кои сѐ прашања беа отворени?
– Покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, беше одржан и Интернационалниот филмски форум на темите „Модели на финансирање и легислатива“ и „Регионална соработка, можности и унапредување“, на кој учествуваа девет директори на национални филмски фондови и продуценти од осум земји, меѓу кои Србија, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција. На форумот се разговараше за теми што во другите држави се одамна апсолвирани, но не и кај нас, а тоа е стандардизацијата на буџетите за филм, позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, моделите на копродукција итн. Ние имаме голем проблем со тоа што кај нас не постои стандарден буџет за филм, па политичките инстанци можат да ја моделираат оваа ставка по свое видување и потреба. Кога има вакви кратења на буџетот за филм и кога за тоа ќе ги известиме колегите копродуценти од другите земји дека можеби ќе има намалување на буџетот, тие не можат да го разберат тоа.
Какво редефинирање на моделите за финансирање во филмската дејност ни е потребно?
– Друштвото на филмските работници предлага ставката за финансирање од буџетот на државата да биде по жител, како што е случај во скандинавските земји, на пример, и да бидат воведени одредени даночни олеснувања, како и финансирање на филмот и преку локалната самоуправа.
Покрај тоа што државата одвојува буџет за филмската дејност, порано имаше и алтернативни извори, како финансирањето од игри на среќа. Откако беше загубена таа поддршка, дупката во финансирањето не беше надоместена. Националните телевизии, исто така, имаат анимозитет кон поддршката на филмската дејност и не сакаат да сфатат дека кога остваруваат добивка од комерцијални програми, одреден процент мора да оди за поддршка на националната кинематографија. Тоа е европскиот модел според кој функционираат сите. Навистина е напорно да се биде на „ветрометина“ и судбината на нашите филмови и автори да зависи од волјата и процената на одредена гарнитура или министер. Ако сакаме да бидеме дел од Европа, мора да ја почитуваме важноста на аудиовизуелниот сектор во современото живеење, да овозможиме постојаност, развој и поголема независност во креирањето на овој сегмент од културната политика. Филмската индустрија во Македонија покажа дека има потенцијал, дека може, а сега на потег се институциите.


Пошироката јавност не знае дека поголемиот број филмски работници немаат ни ден стаж. Како може да се коригира овој пропуст?
– Еден од предизвиците што си го постави ДФРМ е да се дефинира статусот на филмските работници, што е од круцијална важност за оваа индустрија. Станува збор за голем број професионалци (мајстор на сцена, фар-мајстор, шарфер, гафер, мајстор на светло, гардеробер, асистент-костимограф и други), кои не се директни автори во процесот на создавање на филмот, но се важни чинители за секоја филмска продукција. Овие луѓе не се некаде вработени, односно станува збор за „фриленсери“ што заслужуваат да имаат решен статус. Тие напорно работат, некогаш и по 12 часа дневно, на терен, планина, во екстремни услови за хонорар, а кога ќе бидат физички немоќни да останат во професијата, би можеле да останат без заслужениот пензиски надоместок. Покрај тоа, секаде во светот и во сите кинематографии постојат колективни договори и агенции преку кои им се решава статусот на филмските работници. Сметаме дека на членовите на ДФРМ, а станува збор за нешто повеќе од стотина луѓе, треба да им биде дефиниран статусот. Во минатото тие биле вработувани во „Вардар филм“, а по распаѓањето на Југославија и трансформацијата кон приватни продуцентски куќи, овие луѓе останаа без статус и соодветна поддршка од државата. Со донесувањето на новиот закон за филм се надеваме и очекуваме да биде решено и ова битно социјално прашање во филмската дејност.
И покрај тоа што филмот последниве неколку години доживеа револуција, од аспект на продуктивност, креативност, освоени награди, учество на афирмирани фестивали, буџетот се намалува наместо да се зголемува. На што се должи тоа?
– Оваа година беа прикажани помалку филмови на „Златна рамка“, што е последица на пандемијата на ковид-19, во текот на која беше запрена целокупната уметничка продукција во Македонија. Допрва ќе се почувствува тоа во филмот и мислам дека сѐ уште не сме го виделе дното на таа бездна, но се надевам дека брзо ќе излеземе од неа. Една од причините за помалиот број снимени филмови сигурно е и намалениот буџет за филмска дејност во државата. Постојаното кратење на буџетските средства за продукција на независни аудиовизуелни дела, каде што спаѓа и филмот, доведува до помала филмска продукција и намален квалитет на филмските дела. Кога се случуваат ребаланси на буџетот, некако на надлежните им е наједноставно да скратат од културата и филмот, а сето тоа може да ја доведе во прашање егзистенцијата на филмската дејност, бидејќи во најголем дел од случаите станува збор за независни продукции, кои зависат од овие пари. На една од панел-дискусиите на „Златна рамка“, еден колега од Турција нѐ потсети на зборовите на Черчил, кога во екот на Втората светска војна добил предлог од Владата за кратење на ставката за култура, на што одговорил: А ако кратиме од културата, за што воопшто се бориме? Македонија има обврска да се хармонизира со стандардите на ЕУ, особено во доменот на културата, каде што филмот има водечка улога. Помеѓу другото, и во областа на почитувањето на авторските права и валоризацијата на авторскиот труд при експлоатација на нашите дела. Впрочем, следниот поголем проект на ДФРМ ќе биде насочен токму во овој правец, нешто без што, секако, нема да можеме да станеме членка на Европската Унија.