Не треба секој да стане филозоф, ама е важно луѓето да размислуваат критички

, ПРЕДАВАЧ НА „ФИЛОЗОФСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ“

Во рамките на едукативната програма на 12. „Филозофски филмски фестивал“, во сегментот „Фил(м)озофија со деца“, на 26 и 27 мај, професорот Томас Вартенберг од САД ќе одржи онлајн предавање, работилница и практична демонстрација. Секому, кој е запознаен со идејата за филозофија со деца, првото име што му доаѓа на ум, покрај покојниот основач на оваа дисциплина, Метју Липман, е името на Томас Вартенберг, професор на колеџот „Маунт Холиоки“ во Масачусетс, САД, познат по неговите дела од областа на естетиката, филозофијата на филмот и особено филозофијата со деца. Добитник е на многу награди и признанија, како што е наградата за извонредност и иновации во програмите по филозофија за 2011 година и наградата „Мерит“ за 2013 година, за неговиот придонес во филозофијата на образованието. Автор е на книгите „Големи идеи за мали деца: предавање филозофија преку детска литература“ и „Размислувањето на екран: филмот како филозофија“.

Еден ваш познат цитат вели: „Образованието нема да ги оствари своите идеали сѐ додека секој ученик не го направиме филозоф“. Што подразбирате со тоа?
– Всушност, тој цитат се повикува на тврдењето на Платон во неговото дело „Држава“ каде што вели дека правдата нема да се постигне во едно општество сѐ додека филозофите не станат владетели. Па, се обидов да се повикам на тоа и да посочам дека ми изгледа еднакво важно во една демократија секој, почнувајќи со децата, да се запознае со филозофијата. Не велам дека секој треба да стане професионален филозоф, но мислам дека е важно луѓето да ја разбираат филозофијата. Еден од аспектите на филозофијата се разбирањето и способноста да се анализираат аргументи. Во општеството, особено денес со сите оние изјави на политичарите без легитимна основа во реалноста, важно е луѓето да научат како да размислуваат покритички и да можат да ги проценат изнесените тврдења. Кога работам со деца се обидувам да им всадам критички дух за да не ги проценуваат идеите врз основа на тоа кој ги кажал, туку врз основа на понуденото рационално објаснување, а терминот што ние филозофите го користиме во овој случај е аргумент. Тоа значи дека треба критички да ги погледнете причините и доказите за да процените дали тоа што е кажано е вистинито или не.
Кои се спецификите на методите што ги користите?
– Има многу разлики во начинот на кој се пристапува кон филозофијата со деца, но мислам дека заедничко за сите нив е отфрлањето на идејата дека тоа што се обидуваме да го правиме е да им пренесеме филозофско знаење на децата. Не се обидуваме да ги научиме што кажал некој од големите филозофи, ниту пак кои се вообичаените филозофски проблеми во различните правци. Наместо тоа, се обидуваме да ги вклучиме децата директно во практикувањето филозофија, да ги научиме да ги вреднуваат аргументите, да ги оспорат ставовите со кои не се согласуваат и да водат рационален дијалог со своите врсници за значајни прашања. Јас имам специфичен сет на наставни материјали. Првично избрав да го сторам тоа прагматично, затоа што во САД, сепак, од наставниците се бара да ги учат децата преку сликовници и затоа, наместо да се додава нова наставна тема за наставниците, јас само реков: „Видете, имам начин што ќе ви помогне поефективно да ги научите децата тоа што треба да го научат“. За повозрасните деца користев филмови.
„Филозофскиот филмски фестивал“ е заснован на идејата за можноста за создавање блиска врска помеѓу филозофијата и филмот. Каква е врската помеѓу филозофијата и филмот и колку ја користите на часовите со децата?
– Постои многу блиска врска помеѓу некои филмови и филозофијата. Филозофијата може да се најде на многу места каде што луѓето не очекуваат да биде. Постои претпоставка дека ако сакаме да учиме филозофија треба да отидеме во Одделот за филозофија во библиотеките или книжарниците и барем да ги земеме книгите што се вовед во филозофија, оние на Платон, Аристотел, Кант… Всушност и уметниците се засегнати со филозофски прашања и можеме да ја најдеме филозофијата и во филмовите. Во книгата „Размислувањето на екранот“ посочив на филмови што разработуваат филозофски прашања на поучен начин. На часовите со деца не користам проекции на цели филмови, туку мали исечоци, бидејќи не можете да гледате долг филм во училницата. Режисерката што сними филм за моите факултетски предавања се заинтересира многу за идејата да се занимава со филозофија со деца. Особено сакаше да се осврне на етичките прашања и да се фокусира на помладите адолесценти во основните училишта, бидејќи мислеше дека таа возраст е занемарена. Затоа заедно ја создадовме интернет-страницата „Што се случува?“, каде што користиме инсерти од популарни филмови и телевизиски емисии за да одговориме на пет различни етички прашања. Тој материјал го користам и со основците и со средношколците и мислам дека функционира добро. Инсертите се малку застарени и тоа е еден од проблемите, но сепак отвораат навистина важни прашања. Во едно од моите излагања на „Филозофскиот филмски фестивал“ планирам да употребам инсерти од филмот „Клучот на Сара“ за да дискутираме за филозофското прашање дали е во ред да се лаже и кога.
Можете ли накратко да ни кажете што можеме да очекуваме од вашите предавања во Скопје?
– Осмислив програма за тие што ќе присуствуваат да добијат претстава што значи филозофијата со деца. Ќе направам општ вовед, а потоа ќе употребам конкретен пример од филм и ако има доволно време ќе искористам и краток пример од сликовница, за да може публиката да ги види различните начини на кои можете да ги запознаете децата со филозофијата и да ги поттикнете да истражуваат филозофски прашања. Избрав приказна низ која ќе ги откриеме филозофските прашања и ќе дискутираме како да ги промислиме прашањата што би сакале да им ги поставиме на учениците. На демонстрацијата со учениците ќе работиме така што ќе прочитам приказна и ќе ја искористиме за филозофска дискусија. Приказната е од еден прекрасен илустратор на сликовници, Арнолд Лобел, наречена „Змејови и џинови“. Ќе разговараме за природата на храброста и односот на стравот и храброста.
Какви совети би им дале на заинтересираните за идејата да започнат со филозофија со деца во Македонија?
– Всушност, ова е тешко прашање затоа што не сум запознаен со образовниот систем во Македонија, но најважно е прво да ги вклучиме наставниците и да ги убедиме во идејата за филозофија со деца. Потоа спроведување работилници за наставници заинтересирани за подобрување на образовниот систем, па на крајот разговор со надлежните зошто е добра идејата да се воведе филозофија во наставната програма. Многу земји имаат многу поцентрализиран образовен систем од оној во САД, некои од провинциите во Канада и во Австралија побараа директно од власите да има одреден тип часови по филозофија. Но тоа не е можно во САД, па морав да работам од долу нагоре и, всушност, уживам во тоа. Добро е да се заинтересираат самите наставници, наместо наредбата да им дојде од горе. Во тој случај е можно таа да не биде добро спроведена.

Автор на интервјуто: Мартин Поповски, стручен соработник на „Филозофскиот филмски фестивал“ за програмата „Фил(м)озофија со деца“ и пионер во областа на филозофијата со деца во Македонија