Ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е втор победник на конкурсот за наградата „Оливера Николова“. Победникот е избран со едногласна одлука на комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет на УГД во Штип). На вториот конкурс за наградата, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Николова, кој траеше од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026, пристигнаа 46 ракописи. Жири-комисијата констатира видно задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи.
– Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Екологијата е широкото раскажувачко платно на кое се слика со вешти зборовни игри, вратоломни досетки и несекојдневни наративни постапки. Иако е напишан сезнајно, во трето лице, романот на Полазаревски на особено забавен начин внесува дополнителен, непознат глас, кој може да биде и лик, но и резервен наратор (ненаклонет кон сезнајниот раскажувач!), сето време директно обраќајќи им се на децата читатели и вклучувајќи ги во дејството.
Полазаревски, искусен и докажан автор за деца во домашната книжевност со своите песни, гатанки, брзозборки, сликовници, раскази и пиеси, првпат се остварува во романескен жанр. Неговиот прв роман покажува нагласен интерес кон култот на засведочување на раскажаното, со алузии на актуелни состојби (несобирањето на сметот во главниот град зимава) и проверливи реалии (преполни контејнери насекаде). Интересот за засведочување и проверливост е дополнително збогатен со зборовни игри, метатези, спунеризми и малапропизми: гратчето Капи и Штици еуфониски потсетува на населбата Капиштец во Скопје, а најголемата депонија за ѓубре Магдоносонија – на Македонија – пишува во образложението на жирито.
Ванчо Полазаревски (1951) e истакнат македонски хуморист, сатиричар и писател за деца. Има работено како новинар и уредник. Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е негов прв роман за деца и млади, добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Оливера Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и млади. На првиот конкурс (за 2025 година) победи романот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски, а во најтесен избор за наградата беше „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов). „Арс Ламина“ го распиша и третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2027 година.
Промоцијата на книгата „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и врачувањето на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година ќе се одржат на посебен свечен настан.