Нас нè интересира ангажираниот театар, тоа ехо на големи општествени промени што во моментов се наѕираат во светот. Политичноста се рефлектира во секоја тема за која чувствувате потенцијален страв да не бидете разбрани затоа што можеби не треба да се зборува за тоа, вели Снежана Абрамовиќ Милковиќ
Снежана Абрамовиќ Милковиќ, директорка на Загрепскиот театар на младите
Снежана Абрамовиќ Милковиќ е танчарка, кореографка и културна менаџерка. Била на чело на Загрепскиот танцов ансамбл, а од 2014 година успешно го води Загрепскиот театар на младите, популарниот Зе-ка-ем.
ЗКМ е театар што со својата работа и ангажман означи епоха во театарското промислување не само во Хрватска туку и на европско ниво. Како го конструирате вашиот репертоар и на што обрнувате внимание при изборот на проектите?
– Императив на преиспитување на репертоарот на ЗКМ е да не се биде во безбедна зона, односно да се преземаат уметнички ризици, да се биде отворен за младите автори, да се даде доволно време за истражување, да се спои неспоивото. Од една страна, немаме простор за грешки зашто очекувањата на јавноста се големи, иако токму ризикот дава шанса за нови авторски естетики. Акцентот е ставен на изборот на автори и режисери што се занимаваат со актуелни општествени теми, а тие се обидуваат да го замислат театарот како место на будно преиспитување на уметноста, каде што претставата престанува да биде само слика на занаетската умешност. Така, на репертоарот на ЗКМ се рефлектираат вознемирувачките современи феномени, бидејќи театарот не смее да биде заспан во својата конвенционалност. Во ЗКМ имаме големо искуство со различни авторски постапки, од изведбени прошетки, мултимедија, документарен театар до онлајн изведби. Мислам дека ЗКМ во моментов зазема многу важно место во регионалната културна понуда токму поради тоа што опфаќа широк репертоарски профил, од претстави како „Ајхман во Ерусалим“ на Јернеј Лоренци и „Младина без бог“ на Борут Шепаровиќ, преку „Браќата Карамазови“ на Оливер Фрљиќ, па до „Вишновата градина“ на Иван Поповски.
Желбата за промени и справување со нашата реалност може да се прочита од настапите на ЗКМ. Нас нè интересира ангажираниот театар, тоа ехо на големите општествени промени што во моментов се наѕираат во светот. Живееме во време кога се чини дека се „готви“ нова револуција бидејќи светскиот поредок е уреден неправедно, па ме интересираат теми како што се неправдата, социјалната ранливост, модерното должничко ропство, климатските промени.
Покрај „Браќата Карамазови“, на вашиот репертоар се и претставите како „Цемент“ од Хејнер Милер, мошне интересниот театарски проект „Ајхман во Ерусалим“ и низа многу привлечни дела. Каков е одекот на тие проекти во Загреб и воопшто во Хрватска и дали инсистирате на политичкиот и општествен ангажман на ЗКМ?
– ЗКМ е актуелен и провокативен во изборот на теми, бидејќи се занимава со реалноста. Живееме во времиња што имаат сè освен идеална перспектива на иднината, се заканува ескалација на војната во Израел, предоцна е за да ги спречиме климатските промени, повеќе нема удобна позиција на постоење во секојдневната рутина, мора да го подигнеме нивото на свеста многу брзо бидејќи светот повеќе не е ист. Промените стануваат сѐ побрзи. Реалноста ќе нѐ промени сакале или не, а театарот е само нејзин рефлекс. Желбата за промени и справување со нашата реалност се чита од претставите на ЗКМ. Нас нè интересира ангажираниот театар, тоа ехо на големи општествени промени што во моментов се наѕираат во светот. Политичноста се рефлектира во секоја тема за која чувствувате потенцијален страв да не бидете разбрани затоа што можеби не треба да се зборува за тоа.
А пропо претходното прашање, колку мислите дека театарот ќе промени нешто во општеството и колку е влијателна пораката на театарската претстава во општествениот и политичкиот живот на една земја?
– Имено, ако гледачот по излегувањето од театарот заборави на претставата што ја гледал, тогаш не е завршена добра работа. Ако сме поттикнале само еден гледач на размислување за она што сме го направиле или пак сме го допреле емотивно, сме направиле многу. Не можеме да го промениме светот, но можеме да ги промениме луѓето што ќе го променат светот.
Каде е интересот на загрепската публика кога станува збор за жанрот, поконкретно кои претстави се најпосетени и дали го детектирате пулсот на загрепската публика?
– Живееме во време на еклектизам, информациите ни се брзо достапни, стиловите се преклопуваат, а естетските критериуми се крајно демократски и се развиваат во согласност со социјалните, политичките и личните промени кај нас како поединци. Верувам дека на некој начин тоа е и причината зошто не треба да има граници одредени од жанровите за кои зборувате, туку границите се токму она што треба да го препознаеме како сопствено ограничување, а во исто време храбро да се обидеме да ги тематизираме. Затоа ЗКМ е привлечен и за младите, студентите, но и за пошироката публика, најчесто интелектуалците. Публиката многу брзо ја препознава добрата претстава и на некој мистичен начин „се пренесува глас“ дека претставата е добра и покрај сите маркетиншки активности. Кога гледачот ќе успее да се идентификува со емоцијата, да ги препознае своите проблеми во темата или интелектуално да го возбуди, тоа значи дека сме успеале. Така се случија феномените на претставите што сигурно ќе влезат во антологијата на хрватскиот театар, како „Црна мајка земја“ во режија на Дора Ружѓак Подолски, „Хинкеман и Тит Андроник“ во режија на Игор Вук Торбица или „Ајхман во Ерусалим“ на Јернеј Лоренци, кои веќе ги имам споменато.
Каде е местото на Хрватскиот театар во европски контекст со тоа што Хрватска е веќе полноправна членка на Европската Унија? Дали тоа влијае на подобрата финансиска и продукциска состојба на хрватските театри?
– Поминавме низ тежок период: ковид, земјотрес, инфлација поради воведувањето на еврото и геополитичката ситуација. Финансирањето не е соодветно затоа што во Хрватска културата е мека цел, која финансиски најлесно се пресекува, а фискалните закони не им помагаат на културните работници затоа што даночните стапки не се намалени; на пример, приоритет во последните неколку години беше реконструкцијата на културните институции поради земјотресот, што е разбирливо, а не на програмите, така што не ни беше лесно. Сепак, високоразвиените земји се свесни дека културата не е само идентитет на еден народ туку и економска активност, која сè уште не е целосно разбрана во Хрватска. Со Европската Унија имавме многу дополнителна администрација, но мило ми е што работата е многу потранспарентна. Театарот во Хрватска е „жилав“, ќе опстои во секој формат, може да се приспособи на секое место на претстава, ентузијазмот никогаш не нè напуштил. Никогаш не можат да се променат условите на театарската продукција за кои нема да бидеме подготвени, имаме искуство со работа во екстериери, неформални простори, со слаб буџет. Условите може да се променат, но целта на театарот останува иста, мора да интригира, да остави емотивен впечаток и да го поттикне гледачот да размислува.
Кои се плановите на ЗКМ за репертоарот за следната година? Ќе ни кажете ли кои уметници ќе работат на сцената на овој мошне интересен хрватски театар?
– Сезоната ја започнавме со претставата „Дванаесетта ноќ“, инспирирана од Шекспировата комедија „Ноќ спроти Водици“, во режија на големиот полски режисер Гжегож Јаржина, во копродукција со Дубровничките летни игри. Штотуку излеговме со авторскиот проект „Еуфорија“ на Ксенија Зец, во соработка со Саша Божиќ, наменет за младата публика. На крајот на годината, Селма Спахиќ ќе започне да работи на омнибус-претстава, која е дел од проектот „Скриени гласови во сенка на пандемијата“ (Shadow pandemic), финансиран од „Креативна Европа“, на која сме спонзори заедно со партнерите „Борштникови средби“ од Марибор и Белградскиот драмски театар од Белград. Целиот проект е тематски детерминиран и се занимава со зголемувањето на насилството врз жените во ерата на пандемијата, каде што на јавен конкурс беа избрани текстовите на Кристина Кегљен, Тијана Грумиќ и на Катија Горечан. Потоа, до крајот на годината очекуваме соработка со Арпад Шилинг, Борут Шепаровиќ и Матија Ферлин. Според тоа, следната година ќе биде обележана со многу интересни авторски проекти. Секоја година работиме на развој на текстови од млади писатели што имаат јавно сценско читање, а со помош на Министерството за култура организираме сценски читања на текстови наградени со Држиќевата награда, која е најважна хрватска награда за драмски текстови. Во пресрет на секоја премиера, организираме трибини за театарско читање, кои предизвикуваат голем интерес, и разговараме за контекстот на темите поврзани со премиерната изведба, со што работиме на развивање на публиката.
Бевте ценети гости на македонскиот театарски фестивал МОТ. Каде ја гледате иднината на ЗКМ на продукциски, но и на уметнички план и дали планирате гостувања во блиска иднина?
– Многу го ценам МОТ, кој е долговечен фестивал и исто толку прогресивен како и во неговите почетоци. МОТ е многу познат во целиот регион, па и во Хрватска, а работата на Русе Арсов е високопрофесионална и визионерска. На МОТ му посакувам уште долг фестивалски живот. Театарот на иднината, вклучувајќи го и ЗКМ, треба да биде насочен кон младите луѓе, оние што доаѓаат, на кои во поплавата на брзо потрошните и површни содржини треба да им понудиме рамка за поинаква концентрација и размислување, за времето во кое живееме, и да им понудиме алатки за поинакво разбирање на самите себе и пошироко, општествените односи. Договарам соработка со Народниот театар во Барселона (ТНК), Народниот театар во Вилнус, чекаме гостување во Словенечкиот постојан театар во Трст, на фестивалот „Борштникови средби“ и во БДП… засега.
Сашо Огненовски