Елен Лотман, кинематограферка, на „Браќа Манаки“
Третиот мастерклас во рамките на „Браќа Манаки“ во Битола го одржа Елен Лотман, кинематограферка од Естонија, која има реализирано повеќе од 20 играни, документарни и кратки наслови, снимени речиси низ целиот свет: Јапонија, Тибет, Тајланд и Индија, Никарагва, Костарика, Финска, рускиот Арктик. Со долгометражниот документарец „Драга мајко“ (2020 година) освои награда на Филмскиот фестивал во Торонто, а со долгометражниот игран „Збогум, СССР“ ја освои наградата на публиката во Талин, Естонија.
Инспиративното и мошне едукативно предавање за кинематографијата видена низ „очите“ на неврологијата, Лотман го започна со забелешката дека сите филмски школи во светот имаат различни правила, но напомена дека ниту таа ниту другите не би можеле да ги запомнат ако не ги разберат. Цитирајќи го славниот сликар Пабло Пикасо: „Научете ги правилата за да можете да ги прекршувате!“, Лотман ги поведе присутните, кои ја исполнија малата сала на Центарот за култура во Битола, низ предавањето илустрирано со низа примери, пластично презентирани, за реалноста и нејзината перцепција.
Лотман говореше за физичките и својствата на светлината како широк електромагнетски спектар, кој, меѓу другото, ги покрива радиобрановите и инфрацрвените зраци.
– Но човековата перцепција на светлината и предметите ги „раѓа“ сликите во нашиот мозок. Сликите не постојат! Сликите не се складирани во нашиот мозок, туку тоа се електромагнетни бранови претворени во електрохемиски сигнали. Сликите во нашиот мозок не се слики, туку сигнали – посочува Лотман, поентирајќи дека човекот го учи тој процес од бебешки стадиум, на пример, бебињата не ги гледаат сликите, како што нагласува Лотман, туку „прогледуваат“ со растењето и учењето како да ги гледаат сликите.
Посочувајќи ја тезата на Маргарет Ливингстон, дека гледањето не е трансформација на слики, туку информациски процес, Лотман наведе низа примери илустрирани со видеоинсерти и графички прикази на разни студии за невролошките процеси што ја создаваат човековата перцепција на реалноста. Една од нив, на пример, покажува дека дури 75 отсто од испитаниците, со мало скршнување на нивното внимание, нема да ја забележат промената на случајната, непозната личност со која разговарале во тој момент.
Лотман презентираше и примери за феномените на „слепата точка“ и постојаноста на бојата и големината на предметите во човековата перцепција на сликите.
– Мозокот е машина за предвидувања и тие предвидувања се слични на временските прогнози и(ли) предвидувања на историски/политички процеси – поентира Елен Лотман во нејзиното предавање.