Меките и тактилни дела на Луловска и на Алушевски

На изложбата „Пикторијализам“, отворена деновиве во културниот центар „Јадро“, Јана Луловска и Сашо Алушевски презентираат триесетина фотографии, следејќи ги начелата на пикторијализмот (историски уметничко-фотографски стил во кој фотографот манипулира со фотографијата за да создаде уметничко дело). Изложените дела се меки и тактилни, изработени во една од постарите и денес ретко употребувани техники – цијанотипија.
– Заедничко за фотографиите на двајцата автори е основната желба нивните дела да ја разбудат имагинацијата на гледачот и да ја прикажат убавината на природата, која човекот сѐ повеќе ја занемарува. Емотивното, сугестивното и монохромниот третман на избраниот мотив се сеприсутни, а со изложените дела, Луловска и Алушевски јасно ни покажуваат дека фотографскиот апарат и фотограмскиот колаж се исто толку моќни алатки колку што е и сликарската четкичка, а наедно и дека цијанотипијата и фотограмијата се уметнички техники што можат да ја инспирираат нашата фантазија – вели Кирил Пенушлиски во текстот во каталогот.
Јана Луловска е мултимедијална уметница. Завршила додипломски студии на националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија, специјализација уметничка и применета фотографија. Имала самостојни изложби во Македонија, Бугарија, САД и учествувала на повек?е групни изложби во Македонија, САД, Бугарија, Грција, Белгија, Италија, Хрватска. Учествувала на интернационални резиденции и креативни работилници во Македонија и во странство. Во својата работа, Луловска се фокусира на темите феминизам, екологија и природа, слободно изразување/граг?анско општество, психологија, емоционалност, перцепција, свесност, култура, филозофија, наука. Во моментов таа работи на женското наследство, животна средина/екологија и инклузивност.
Сашо Алушевски живее во Скопје, Македонија. Го интересираат формите на експресија. Тој е првиот македонски фотограф што систематски ги негува благородните фотографски процеси, како што е колодиумската фотографија. Учествувал на над 80 групни изложби во светот и често е наградуван. Имал девет самостојни поставки.