Марија Николовска со преводот од француски на македонски на делото „Жена на небото и бурите“ од Вилфрид Н’Сонде е годинaшна добитничка на наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“. Наградата ја додели шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, по повод Европскиот ден на јазиците – 26 Септември.
Целите на наградата за најдобар млад преведувач, започната од Делегацијата на Европската Унија во 2013 година, се промоција на младите преведувачи, како и поттикнување на квалитетот во преведувањето книжевни дела. Конкурсот е отворен за млади преведувачи до 26 години, додека делата мора да се преводи на книжевни дела од еден од 24-те службени јазици на Европската Унија на кој било од јазиците што се говорат во земјата.
Првата пофалница годинава ја доби Цветанка Стоилова, за превод од италијански на македонски на делото „Потопениот пресеп“ од Џулија Каминито, а втората пофалница ѝ е доделена на Маја Тодоровска за преводот од англиски на македонски на делото „Местото помеѓу“ од Килан Рајан.
Преводот создава и ги регенерира повторно литературните ремек-дела. Преводот инспирира нови пристапи помеѓу пишувачите и писателите и создава свежи гледишта меѓу самите читатели. Накратко, преведувачите се тие што овозможуваат меѓукултурна размена, што, всушност, е една од најголемите добра на Европската Унија – рече Гир.
Според амбасадорот на наградата „Вавилон“ за 2022 година, Владимир Мартиновски, книжевните преведувачи се драгоцени и значењето на оваа награда во македонската културна средина е од огромно значење.