Есеј на Агим Полјоска од Катедрата за албанистика на Филолошкиот факултет во Скопје за романот на Плевнеш, објавен на триесетина јазици. Во време кога се прават обиди против македонскиот јазик, ова е сјаен придонес на филологот Полјоска, кој повеќе децении се занимава со компаративни истражувања меѓу македонската и албанската книжевна традиција
Значаен придонес за македонскиот јазик
Објавувањето на романот „Осмото светско чудо“ на познатиот македонски писател Јордан Плевнеш, во превод на албански јазик, претставува многу значаен културен настан за пошироката културна и научна јавност на балканските простори. Имено, преку преведувачкиот чин на литературните дела од македонски на албански јазик и обратно, читателите ќе имаат можност непосредно да се запознаат со книжевните, уметничките, естетските, јазичните и културните вредности и достигнувања. Да се занимаваш со книжевниот превод нималку не е едноставна и лесна работа. Но, сепак, јас како преведувач на романот, но, истовремено, и како емпириски и модел читател, направив декодификација на пораката на авторот. Романот го прочитав неколкупати, со единствена цел да ги доловам идејата, содржината, целта и пораката на авторот, навлегувајќи длабоко во магичниот свет на авторот, ликовите, настаните, местата и сл. Додека вие како емпириски и моделни читатели, откако ќе го прочитате романот на албански јазик, ќе ни раскажувате дали е достојно пренесена пораката од македонски на албански јазик.
Пред да кажам неколку збора за романот на Ј. Плевнеш ќе изнесам и некои оцени на угледни критичари на уметничкиот збор. Така, Р. Силјан, меѓу другото, ќе истакне: „Творечката опсесија на Јордан Плевнеш длабоко понира во духот на Македонецот, оставен на историските ветрометини, деградиран, унесреќен, недоречен. Неговиот збор силно задира во човечките дамари, копка во нашата совест, иритира, предизвикува на активна размисла… драмите на Плевнеш поставуваат мноштво прашања, тесно сврзани со нашиот бит, длабоко врежани во ткивото на целокупната македонска судбина“.
И токму поради ова, преку ова дело албанскиот читател непосредно ќе се запознае за некои посебности на македонската традиција, на овој народ со кој дели многу заеднички судбини. Сто четириесет и шест страници на романот на број не се многу како бројка, но во простор и време е десетпати поголем. Низ страниците на романот „Осмо светско чудо“ на писателот Ј. Плевнеш, читателот открива низа уметнички, естетски, јазично-стилски и книжевни вредности, придружени со мошне богата наратолошка структура. Со други зборови, романот на Ј. Плевнеш се одликува со богат филозофски и онолошки дискурс, елоквентен израз, во духот на народен мудрец, со многу едноставна и јасна мисла. Со овој роман, Ј. Плевнеш, несомнено, докажува и покажува дека му даде модерна продуктивна ориентација на современиот македонски роман, која по ништо не заостанува зад она што доминира во современиот свет. Треба да ја нагласиме интернационалната, интербалканската, интермедитеранската и интеревропската димензија на романот, што на некој начин сведочи за „реализмот“ во автоперцепцијата што авторот Плевнеш го поседува за сопственото „постоење“ на овие балкански простори и стремежот да се вклопи во европскиот и светскиот културен, книжевен и јазичен код, настојувајќи ги да ги обедини во еден сложен дискурс книжевноста, уметноста, културата и јазикот.
Сиот овој багаж на авторот е надграден и збогатен од народната традиција на македонскиот народ, фолклорот, книжевноста и на своите современици (Б. Миладиновци, Г. Прличев, Ж. Чинго, Г. Тодоровски, Б. Конески, П. М. Андреевски и др.). Авторот употребува богат јазик, речник и стил препознатлив на неговите креативни, интелектуални и духовни вредности. Сите овие карактеристики во неговиот роман се доследно интерпретирани и пренесени на албански јазик, така што и албанскиот читател ќе има ретка можност да ужива во содржината и структурата на ова дело.
Начинот на раскажувањето е типично постмодерен и целината на идеите на раскажувачката постапка е раководена, меѓу другото, и од есеистички стил, во кој главните протагонисти и ликови дефилираат како тројца Александари, кои симболизираат три периоди од човештвото: раниот среден век (времето на Диоклецијан, Александар Велики, на Македонија), доцниот среден век (времето на Скендербег) и денешното време (Александар Симсар, главниот лик на делото). Авторот со исклучително мајсторство и библиски, митолошки и филозофски пристап ни ги опишува постапките на боговите, богот тотем на Диоклецијан и на Исус Христос. Ова тема/идеја, на крајот на краиштата, не го опфаќа само ликот на Симсар туку и другите ликови, преку кои авторот сака да го „совладува“ лошото. Сето ова нѐ упатува да размислуваме дека ниту еден творец не може да создаде дело ако не го зема предвид животот. Бидејќи, како што истакнува теоретичарот Едуит Мјур, кога вели: „Романот е како животот“.
Ова, секако, важи и за писателот Плевнеш, бидејќи ова го забележуваме од содржината, од самата природа на раскажувањето на авторот, преполна со предизвици, искуство, од својот живот, на семејството, роднините, пријателите и др. Неуморен во своите уметнички, книжевни и културолошки истражувања, авторот Ј. Плевнеш, свесно или несвесно, можеби воден над сѐ и пред сѐ од потребата да ја задоволи својата жед за пишување, ни разоткрива една силна животна приказна, една вистинска меморија, како жив спомен на обичниот човек, талкачите на нашите балкански простори… Раскажувањето на авторот ни звучи како романесна хроника, воведувајќи го читателот во предизвиците на животот преполн со перипетии, падови, подеми, успеси, турбуленции…
Ј. Плевнеш поседува една огромна творечка енергија. Во неговиот роман „Осмо светско чудо“ ги става во активна комуникациска и дијалошка врска авторот, раскажувањето и читателот. Сиот свој арсенал и наратолошки дискурс авторот го постигнал благодарение на своето богато интелектуално и творечко искуство. Романот на Ј. Плевнеш објавен на албански јазик може слободно да се смести во балканскиот, медитеранскиот, европскиот и светскиот културен код.