За збирките раскази „Речно улиште“ (1981 г.) и „Ѓон“ (1990 г.) на Драги Михајловски
Веќе во „Речно улиште“ беше воочлив творечкиот респект кон моделот на македонската приказна во рувото на Цепенков, секако со умешна иронична и смисловна намноженост врз традиционалните мотиви. Но кај Михајловски е видливо и едно, сосема инакво влијание, она од англосаксонската книжевна пракса – особено во вештото обликување на дијалогот, како и во одржувањето на ритамот на раскажувањето. Михајловски ја користи говорната „неуредност“ кај своите ликови и така, преку гротескното начело на мешање, отвора, од една страна, можност за поголема блискост со ликот, а од друга, ја симнува традицијата од демијуршкиот трон во распарченото тело на несогласностието, од каде што изникнуваат донкихотската инспирација и обидот да се освои просторот на интимното, сонуваното. Ликовите на Михајловски се стремат на својот несмасен, некогаш карикатурален начин да се почувствуваат како дел од поубавата реалност. Ристо Кекеле, ѕидар, наместо да го заврши покривот на куќата гради скалила до небото, свртничарот носи прекар од огромна желба за изедначување со галебот Флечер, господарот на слободниот лет, аптекарот Јово, со душа ослободена од баналностите на секојдневието, секоја ноќ шета меѓу ѕвездите. Сите се обидуваат да се одбранат со кревок носталгичен гард пред времето на масовна принуда и од негирањето на слободниот избор и уште повеќе, од неможноста таквиот избор да се оствари. За миг ги спасува фантазијата или ведрината, но нивниот свет останува зад затворениот прозорец, на чии ролетни годишните времиња го менуваат изгледот, а зад кои копнежливиот поглед е секогаш ист – во непознатата мугра. Призракот на животот – оличен во газда Спиро, со фластер среде лицето или шефот на железничката станица што смрди на лук (зашто тие луѓе Михајловски буквално ги обележува) – може привремено да се поништи со… мечтаење. Дури и кога конечниот ефект може, во однос на таа стварност, да биде непоправлив пораз (смртта од паѓањето на Кекеле, железничката катастрофа кај свртничарот), мечтата не е измама, туку единствен начин да се преживее сопствената судбина. И пародирана, способноста за имагинација останува можност за опстанок. Михајловски не им се потсмева на своите ликови. Во „Ѓон“ не се заканува убиствениот убод на иронијата, напротив, забележлива е подзаборавената чеховска нота, што не се срами од човечноста.
Михајловски не е раскажувач посредник, тој им остава на ликовите не само да го носат дејствието туку на свој начин да го коментираат. Нерамномерната подвоеност меѓу теророт на стварноста и ослободеноста на фантастиката е впечатливо изработена, а сепак остава доволно белина, поможна од секаква довршеност.
Во една ескимска приказна се раскажува за двајца што успеале да се искачат до отворот на небото. Едниот го замолил другар му да го подигне, ветувајќи му дека веднаш потоа ќе му подаде рака и тој да се качи. Но штом се нашол горе, бескрајно исполнет со радост, го заборавил другарот и отрчал во сјајот на небото. И во „Ѓон“, во опозицијата горе-долу, небесниот свет е опсесивно надмоќен. Љубената Мојца, качена на бандера („Врска“), потсетува по својата инфантилна, но и господска откаченост на аптекарот шетач меѓу ѕвездите („Месечари“), а овој на свртничарот, кој како истоименикот, галебот Флечер Линд од книгата „Џонатан Ливингстон“, претпочита да е осамен и отфрлен мечтател отколку безличен член на јатото, кој, без најмала импровизација, „целисходно“ лета како комарец. Драги Михајловски е убедлив раскажувач на приказни, уште посилен кога низ призмата на своите личности, потсмешливо ја отуѓува стварноста. Иако несмасни одачи по тенка жица, премногу невешти за будисти или за истражувачи, личностите на Михајловски успеваат, како знаат и умеат, да го отсонуваат својот сон. Во стратегијата на таквото, за нив единствено сонување, ја имаат пријателската поддршка на авторот.
(продолжува)