„Мими“ е филм за девојка што си го бара местото во едно токсично општество што им робува на патријархалните норми и што знае да го извади најлошото од луѓето. Затоа и доаѓа во новата средина – Скопје, но се соочува со истите проблеми од кои толку сакала да побегне, вели режисерот и сценарист на „Мими“, Даријан Пејовски
Даријан Пејовски, режисер
Мими ги напушта своите родители и болното минато од родното место за да студира во Скопје. Ја запознава Сара, млада мајка со богат, но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко си и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството… Мими е чиста, бистра и храбра девојка, чиј живот режисерот Даријан Пејовски, кој наедно е автор на сценариото по кое е снимен филмот, го прикажа на големото платно. Бегајќи од проблемите од минатото, од родното место, повторно налетува на низа сопки, пречки, предизвици, проблеми. Истовремено се губи и се наоѓа себеси.
Актерката Наталија Теодосиевска ја игра Мими, а во филмот се појавуваат Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов… Филмот премиерно беше прикажан на „Синедејс“. Следни проекции ќе има на 69. Филмски фестивал во Пула (16-24 јули), еден од централните филмски настани на овие простори, кој низ децениите изгради интернационално реноме. Филмот учествува во натпреварувачката меѓународна програма на фестивалот, која ќе прикаже вкупно 11 наслови од Полска, Израел, Латвија, Романија, Франција, Турција, Шпанија, Австрија, Србија, Хрватска, Северна Македонија, Украина, Чешка, од кои некои се наградени и на најпрестижните фестивали низ светот.
Со ваши зборови, каков филм е „Мими“?
– „Мими“ е филм за девојка што си го бара местото во едно токсично општество што им робува на патријархалните норми и што знае да го извади најлошото од луѓето. Затоа и доаѓа во новата средина – Скопје, но се соочува со истите проблеми од кои толку сакала да побегне.
Од наивна, чиста девојка, Мими полека добива негативни карактеристики, на моменти се губи себеси. Како го градевте карактерот?
– Мими се губи градејќи фасади за да се претстави себеси пред околината. Оттаму, се обидов да ѝ нафрлам ситуации во кои таа мора да прикаже различна верзија од себе, мислејќи дека ќе биде полесно прифатена. Токму тој притисок ја заробува Мими и преоѓа во опсесија. Во идеален свет, Мими би се чувствувала сигурно во сопствената кожа, слободна да прави што сака и да носи одлуки што нема да ја стигматизираат.
Зошто ја сместивте главната хероина од провинција во главната метропола и ја впуштивте во океан од пречки и предизвици?
– За да ја соочам со истите проблеми од кои побегнала. Постои мислење дека во нашава „скопска“ средина нештата се понапредни отколку во внатрешноста, небаре таму во друг век се живее, а станува збор за (најмногу) час и половина возење од „метрополава“.
Какви бранови сакате да предизвикате со сцените на семејно насилство, на какви општествени пропусти сакате да го ставите акцентот?
– Семејното е веројатно најприсутната форма на насилство со која секој од нас, посредно или непосредно, се соочил. Затоа и треба да се биде внимателен во филмскиот третман на таквите сцени. Се потрудивме да бидат брутални, но кратки. Тенка е линијата и многу лесно насилството на филм може да се гламуризира и сосема да се промаши намерата. Причината зошто постојат тие сцени во филмот е да се прикажат ситуации и односи, кои чекор по чекор го вадат најлошото од луѓе што би требало да се сакаат, а завршуваат трагично.
Влеговте во женски лик, го толкувате женскиот мозок. Беше ли тешко?
– Не мислам дека станува збор за толкување, туку повеќе за опсервирање на луѓето што ги познаваме, односи што ни се познати на сите. Затоа и ликовите се толку амбивалентни, бидејќи колку повеќе ги познавате, толку потешко можете да покажете со прст кој е лош, а кој добар. Што се однесува до процесот, најтешкиот (и најдолгиот) дел е кога сум сам пред компјутер. Штом сценариото ќе почне да циркулира со актерите и другите соработници, веднаш е полесно – се лоцираат проблемите, имам повторно чувство дека не сум сам на светов и дека сите заедно работиме да биде подобро.
Каков беше предизвикот да се изрежира сопственото сценарио?
– Работата на своето сценарио дава контрола од почеток до крај, и тоа може да биде и добро и лошо. Дистанца практично не постои и лесно може да се заплеткате во сопствените најдобри намери. Затоа е потребно да имате добри соработници што нема да ве штедат и ќе ве соочат со проблемите што ви се пред нос, а не ги гледате. Инаку, не сметам дека режирање туѓо сценарио би го направило филмот помалку „мој“.