Но дали се жртвува само едниот и дали е тој навистина само жртва? Најсвежите и најбуквалните примери со Икарите на рокенролот – Морисон, Ленон, Хендрикс, Џоплин… – уште еднаш ја потврдуваат поинаквата, пионерска перспектива на икарството. Алчното време ги голта можностите, но младоликоста пазена за огледалото е доријангрејовска утеха со ужасно разоткривање на крајот. Ако уметноста, според законитостите само нејзе познати, го бара ризичниот исчекор, таа за возврат може да создаде чудо!
For love that knows no season. And for joy that knows no end! – со воздишка коментира Сократ. Но без оглед дали летот на Дедал и Икар е вистина или мит (а стариот був Сократ, кутричкиот, е малку сенилен – на пример, убедено кажува дека некогаш во Македонија живееле лавови, крокодили и бели мечки), тој 1.500 километри долг лет е најдобар доказ (заедно со патувањето низ небесните височини на месопотамскиот јунак Етан, кој јавал на орел, или на истанбулскиот фантазер, кој „отфрлајќи“ се од највисоката џеновјанска кула, ја прелетал целата престолнина, или на летaчот во „Рубљов“, или на нашиот ќелеш, кој, пак, со помош на верниот орел, од високите височини се спушта во долните царства) дека човекот, како и птицата, не само што има право на свое парче небо туку и на свој лет низ целото небо.
Астролошка добелешка: во книгата „Le zodiaque, clѐ de l’homme et de l’univers“ белиот маг Омраам Иванов го поврзува летот со ерата на Водолијата: За време на ерата на Рибите, пространствата на водите се пред сѐ оние што се истражуваат – со пловидби. Со Водолијата се влегува во сферата на воздухот – телекомуникациите (телефон, телевизија, интернет), авионите, ракетите… Очигледно е дека Лавиринтот, заедно со Минотаурот, ѝ припаѓа на ерата на Бикот, онаа на пирамидите и сетилната краволика Хатор, на Урук на Гилгамеш (понекогаш претставен со рогови) и неговиот страшен соперник, небесниот бик на Иштар, на моќниот Рудра од Риг-Ведите и на Врисхабха, придвижувачот на космичкото тркало, на биковите на глинените печати од Мохењо-Даро, предводени од итифаличен лик со големи рогови што седи крснозе… Според тоа, Дедал и Икар преку својот лет прескокнале 4.000 години, односно две космички ери. Оттаму не е чудно што астрономите малечкиот, стреловито брз метеор што на секои две децении минува покрај Земјата (но никогаш не ја допира, продолжувајќи го неприкосновено својот надвоздушен пат) го нарекле токму Икар.
А Дедал (како и сите несфатени урановски пронаоѓачи, воздивнува Сократ), дури по својата смрт е прогласен за херој, полубожество од сонародниците. Во 432 година пр. н.е., атенскиот суд осудува еден скулптор зашто се осмелил на штитот на Атена Партенос да го прикаже својот автопортрет во ликот на Дедал. Скулпторот е Фидија лично, првиот, најголем уметник на сите векови што му претходеа и на оние по него, како што го отсликува Хелдерлин, кој и самиот со устрем да одлета до горниот свет на чистото вечно создавање, икаровски ќе падне во „вашиот понизен Скарданели“, доброволниот заточеник во кулата без излез (наместо Минотаурот, чуварот беше добродушниот столар, но портата кон светот засекогаш заклучена).
Како што пишува на едно место во „Упанишадите“: „Од смртта одведи ме до бесмртноста“. Но, да му се вратиме на Дедал. Си размислувам како еден ист човек може да биде архитект и на Лавиринтот и на Летот – продолжува да си дрдори Сократ бувот – од каде што темниот жртвеник (каде што шансите да се избегне од најужасната варијанта на Танатос, да се биде храна во желудникот на друго живо и не баш привлечно суштество, се мерат со илјадити процент), да биде дело на истиот Мајстор кој со Летот ја остварува најеротската желба на човекот – да се биде недофатливо слободен?
– Сепак чинот си има своја причина, и тоа не само една – Сократ влегува во својата омилена улога на (недипломиран) психоаналитичар – Дедал беше убеден, како и мнозинството уметници од повисок и понизок калибар, дека е предодреден да создава ЧУДА! Дека и Еросот и Танатосот се во служба на создавање на чудото! Но, за разлика од другите, неговата уметничка кариера, од почетоците до крајот, е преполна со докази за таква врвна уметничка вештина. Тој беше прв од скулпторите кој, како некој чукундедо на Микеланџело, направи неговите кипови да прогледаат и да почнат да се движат. Пред тоа киповите имаа затворени очи, а рацете и нозете им беа вкочанети. Тој направи каменот да гледа и да оди. Рендгенски се вовлече во него и му ги дарува сетилата. Сето она што во Дедаловата младост беше грешно – славољубивоста, егоизмот, убиството на Тал поради завист – дојде поради раното сознавање на неограничената моќ од спојот талент + technѐ. Смртта на Икар го снајде Дедал во неговата зенитна уметничка зрелост, но средовечниот гениј имаше пред себе уште долго време за да ја прифати ужасната животна лекција и конечно да стане несебичен учител што со љубов ќе го дарува знаењето свое…
И тука Сократ ги ококори очите, како што може близу полноќ еден був во своите најдобри шеесетти. Но јас, иако понекогаш склон кон месечарење, најучтиво се простив од него и, колку што е можно побрзо, се вратив во својата осветлена работна соба, за веднаш да седнам да го допишам овој текст.