ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА

Концерт на оркестарот на „Танец“ по повод 80 години од основањето на МРТ, 75 години од основањето на „Танец“ и на Народниот оркестар на МРТ и 70 години од раѓањето на Тодор Трајчевски ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во малата сала на Филхармонијата. Самиот наслов на концертот ја открива содржината на овој ексклузивен настан, со кој оркестарот на „Танец“, раководен од маестро Дарко Илиевски, ќе возобнови дел од богатата архива на Македонската радио-телевизија, односно ќе отсвири партитури што се неотуѓив дел од македонското наследство, композиции од врвните мајстори што создавале за Народниот оркестар за време на неговото постоење. Концертот ќе започне со кус пригоден разговор со господинот Благоја Десковски, последниот раководител на Народниот оркестар, а потоа ќе биде изведена целовечерна програма составена од композиции од најзначајните автори на аранжмани и творби за Народниот оркестар, и тоа од речиси од сите периоди на постоењето на оркестарот.
Воведниот разговор во програмата со последниот раководител на Народниот оркестар на МРТ, маестро Благоја Десковски, ќе го води Бранка Костиќ-Марковиќ.
На програмата се: „Брегалнички бисери“ од Никола Галевски, „Скопско оро“ од Ангел Нанчевски, „Битолско оро“ од Тале Огненовски, „Ситна лиса“ од Пеце Атанасовски, „Соборско оро“ од Кочо Петровски, „Десково оро“ од Благоја Десковски, „Фолклорен јазол“ од Петар Лукиќ, „Бојанино оро“ од Илчо Јованов, „Тинино оро“ од Тодор Трајчевски, „Пајдушка игра“ од Тодор Трајчевски, „Повардарско оро“ од Тодор Трајчевски и „Тинина приказна“ од Тодор Трајчевски. Предистражувањето во архивите на МРТ го направија Бранка Костиќ-Марковиќ и Мери Попова, а изборот, адаптацијата и подготовката на композициите ги направи Дарко Илиевски, во соработка со Благоја Десковски.
Македонската радио-телевизија е најстариот електронски медиум во земјава, со најголема терестријална покриеност и со програмски содржини за сите сегменти во земјава. МРТ ја има единствената аудиовизуелна архива во Македонија со таков обем, форма и содржина, и таа претставува непроценлив извор на снимки, партитури и факти за развојот на македонската музичка култура, но и на македонската културна историја во целост. Архивата и фонотеката на МРТ се најстари во државата и претставуваат вистинско национално богатство. Голем дел од драгоцените архивски материјали се произведени од ансамблите што долги години дејствуваа во рамките на телевизијата, а тоа се: Големиот народен оркестар, Оркестарот на народни инструменти, Чалгискиот оркестар, Камерниот оркестар, Радиохорот, Детскиот хор и Биг-бендот.
Тодор Трајчевски (1954 – 2021) е познат македонски композитор, аранжер и хармоникаш. Роден е на 3 август 1954 година, во Штип. Студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а во 1983 година се вработил во Народниот оркестар на МРТ, каде што во 1988 година станал и негов раководител. Автор е на повеќе од 200 песни од различни жанрови, создал над 400 аранжмани, а компонирал и голем број инструментални композиции за голем народен оркестар („Фолк загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“,„Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и др.), инспирирани од фолклорното наследство на Македонија. Некои од нив се вбројуваат во антологиските бисери на поновата музичко-фолклорна литература. Соработувал со голем број македонски ѕвезди од областа на народната музика, учествувал речиси на сите македонски фестивали, а пишувал и класични композиции главно за тромбон и клавир, во соработка со „Дуо Рибарски“. Беше член на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ). Тодор Трајчевски почина пред три години, на 67-годишна возраст, од компликации поврзани со коронавирусот.