Ќелешот аnd Тhе Dеер Blue, 1

Антиупатства за лична употреба

…и като стигнал на крај морето, натурил по сухо пченицата, меда, просото, пак конете сосјахал, расфрлил ги по сухо и по водата, та се собрали пилетата, пчелите, мрафките, најали са и по морето рибите, таму рекло едно пиле:
– Ела да та пренеса прис морето!
(Стефан И. Верковиќ: Јужномакедонски народни приказни, 102)
Во актуелните коментари за комплицираните и конфликтни балкански ситуации, нашата држава во западните весници е често означувана како земја заклучена в копно (a land-locked country). Нашиот несомнен копнеж кон големите води, сублимиран во односот кон Езерото (особено Охридско) што во себе вдомува чудесни „морски“ приказни, е препознатлив не само како чувство туку и како изведба на башларовски означената „материјална имагинација“. Континенталците кон своето езеро имаат речиси митски однос како кон волшебен воден простор. Неодамна „Нова Македонија“ ја пренесе веста за средбата на двајца нуркачи со чудовиште со височина од 15 метри и со тежина од еден тон во длабочините на австриското езеро Топлиц. Унгарците го имаат Балатон, Швајцарците – Женевско Езеро. Македонците – Охрид. Самовилскиот коњ на Шопов во една од неговите последни наративни песни паѓа изнемоштен на езерскиот брег, за окрепен од чудотворната вода повторно да се вивне кон височините. Немирното момче Силјан од с. Мало Коњари, по бродоломот кога гемијата е проголтана од разбеснетото море, а тој единствен се спасува, верува „како да ет во Орицко поле и Струшко, чунки тамо имало езеро, да можи морето да ја донесло гемијата во езерото и тамо можи да се скрши“.

Имагинацијата умее да ги спои блиското и далечното, езерото и морето. Имагинацијата што ја нудат големите води е огромна, таа се храни од чудото каде што тоа чудо евидентно постои.,Ленго, и Саве, и морето“, „Суво зад нас, море зад нас, суво пред нас“ се волшебни зборови со кои главниот јунак може да направи сѐ што ќе посака, па дури и царската ќерка да забремени од поглед, а златната чаша да се најде во царевите гаќи. Големата добронамерна риба ја поседува моќта што јунакот ја нема, нејзината перка или стргунка е залог за помошта што ќе стигне точно навреме. Контактната врска минува во контагиозна – далечините стануваат неважни. И кога е храна, рибата е причина за чудесното зачнување, со нејзината голема способност за размножување преку безбројните јајца на икрата. Мистеријата на водните длабочини се пренесува во телото на нивниот жител.

Оваа очигледна приемчивост на народната имагинација кон големите води не можела да биде поткрепена со еден современ, општопознат збир на географски знаења за „Европа и светот“, кои ги поседува денес просечно известен средношколец. Но копнежот да се стигне на онаа страна од морето, по патиштата незнајни што водат кон пребогатите царства, за јунакот на бајката е иницијациски предизвик, единствена можност да се надвладеат сопствената сиромаштија и потиснатост. За разлика од херојските митски аргонаути: Јасон, Херакле, Тезеј, Кастор и Полидеук, Орфеј, Асклепиј и другите натпросечно надарени јунаци, безименото момче во бајката има многу поскромно потекло и можности, но не може да се каже дека му недостигаат храброст и иницијативност. Тој и нема време да биде доволно претпазлив во изборот на своите пријатели и непријатели. Тие сами му се наметнуваат. Дејството е акција, а од акцијата произлегува нова акција. Соочен со морската шир, младиот ќелеш не покажува ни страв ни збунетост. Но, иако за тоа бајката не пишува, претпоставка е дека тој е барем малку возбуден. И за најискусниот морепловец, детално нацртаната мапа по која познавачки го шета показалецот е подистанциран предизвик од средбата со кит или со некое сосема малечко, на мапата неприсутно островче. Иако е практично „вселен“ во светот на големите води уште од најраната младост, морепловецот во долгите години пловидби можеби станува „солен“ и молчалив, но и останува колумбовски растреперен пред секое ново патување.
(продолжува)