Прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“
Пред два месеца умре татко ми. Како најстаро дете, освен тага за загубата и чувство на беспомошност, дополнително носев вина, бидејќи потајно посакував да умре што поскоро. Знаеш, се мачеше стариот, а тоа беше болно за гледање. Луѓето и во најголемите загуби се фокусирани на себе, комично.
Два дена по смртта добив повик од мајка ми, звучеше доста сериозно. „Треба да разговараме…“, ми рече „…важно е“. Отпрвин помислив дека ѝ паднало тешко поради бескрајното оживување на најубавите моменти поминати со покојникот, барајќи си ги грешките и пропустите кон него, стравувајќи од заборав уште од вториот ден. Потоа, мислите ми запливаа во правни води, надевајќи се на тестамент во своја полза. Како што реков, комично.
„Нешто размислував…“, ми рече, „…и сфатив дека мораме да му кажеме на кучето дека умре татко ти“.
„Да му кажеме? На кучето?”
– Па, негово куче беше, сметам дека има право да знае.
– Да знае? А како планираш да му го соопштиш тоа, со лаење?
– Глупости, не биди смешен. Ќе му објаснам најпросто дека беше болен и почина. Толку.
– Зошто мислиш дека ќе те разбере и дека тоа ќе му смени нешто?
– Па, како што кажав, негово куче беше и има право да знае.
-… Не ми се верува дека го водам разговоров.
– Можеш и да бидеш таму кога ќе му соопштам.
– Да облечам ли смокинг?
– Не те паметам толку духовит, страшно е во што ги претвора тагата луѓето.
– Во ред, тогаш, ајде да му кажеме на кучето.
Бидејќи недвосмислено увидов дека мајка ми е сериозна во намерата, решив да ја поддржам и да бидам со неа кога на кучето ќе му ја соопшти смртта на татко ми. Во тоа беше целата поента на блиските луѓе, да ги имаш во тешко, зашто во лесно – лесно е. Погодуваш, комично.
Песот беше стар и послушен, немав замерка. Татко ми го сакаше, иако понекогаш размислуваше да го успие „за да го спаси од агонијата на староста“.
– И ја сум стара – ќе свикаше мајка ми – зошто и мене да не ме успиеш?
Како што кажав, песот беше навистина стар, ретко излегуваше, најчесто лежеше покрај неговите нозе, со поглед кон својата кучешка иднина, без никаква намера да го надживее. За жал, намерите губеа вредност пред фактите и не беа во состојба нешто да променат.
Мајка ми го гледаше кротко и му зборуваше како на свое дете. Не се сеќавам дека мене ми зборуваше така кога почина стариот, а сеќавањата ми беа сѐ уште свежи.
За волја на вистината, не можев да се сетам ниту дека некогаш воопшто јас сум ја гледал неа како што овој пес ја гледаше мајка ми, толку питомо и топло, можев да се заколнам дека ја разбира.
Почувствував дека врз кучето се спушти рака од тага и нежно го погали. Песот беше вистински тажен, манифестираше кучешка болка и мајка ми се расплака. Не можев да се сетам дали плачеше на погребот, но не е ни важно.
Потоа песот седна на татковата фотелја и заспа. Мајка ми неколкупати го проверуваше дали дише, неколкупати се премисли за ќебенце, неколкупати го понуди со вода и храна за кучиња. За тоа време, јас вистински огладнев.
Фрижидерот беше празен, па решив да тркнам до супермаркетот и да пазарам нешто.
Кратко се двоумев помеѓу брза храна и намирници за готвење, а и сообраќајот беше густ.
Кога се вратив, можеш да замислиш колку бев изненаден: мајка ми седеше на стол на тремот и гледаше кон мене без да трепне. Во раката држеше ловечка пушка, ја препознав дека е татковата. До неа мртов со прострелна рана во стомакот лежеше песот.
Полека се приближив и ја понудив со цигара, а таа прифати. Ја запали, двапати повлече и ми рече:
– Мило ми е што умре.
Некое време пушевме во тишина.
Симона Јованоска
Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2019 година за расказот „Последниот кат“, Јованоска го добива второто место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“. Во 2021 година, Јованоска го објави и својот прв роман „Денот на црвот“, во издание на „Или-или“, кој се закити со наградата „Роман на годината“ за 2022 година.