На 27 април, во 20 часот, започнува проектот „Театар на платно“, соработка на компанија „Артактум“ и Кинотеката на Македонија, со претставата „Кафе Милер“ на легендарната кореографка и танчарка Пина Бауш. Претставата е снимена во 1985 година и во неа глуми и самата Пина Бауш. Овој четврток „Артактум“ овозможува ексклузивно да ја видиме оваа претстава на големо платно во Кинотеката. По претставата ќе се отвори разговор меѓу публиката и гостинките: Искра Шукарова, кореографка и професорка при ФМУ – УКИМ катедра за балетска педагогија; Бранка Костиќ-Марковиќ, музиколог и уметничка раководителка во НУ „Танец“, и Искра Гешоска, програмска уредничка на „Контрапункт“ и на КРИК – платформа за критичка култура.
Станува збор за снимената театарска претстава на Пина Бауш „Кафе Милер“. Филмот е снимен во 1985 година, со времетраење од 50 минути, во режија на Пина Бауш, со танчарите: Малу Аjродо, Пина Бауш, Доминик Мерси, Jан Минарик, Назарет Панадеро, Жан Лоран Саспорте. Театарската претстава на „Танцтеатер Вупертал“ е поставена во 1978 година и се базира на личните детски и младешки спомени на Пина Бауш. Дејството се одвива во празно кафуле, каде што луѓето што ја изгубиле надежта и способноста за љубов ја преживуваат својата осаменост. Пина танцува токму за оваа осаменост… Танцот станува главно средство за изразување на внатрешниот свет на личноста и нејзините искуства.
Пина Бауш важи за голема авангардистка на танцовиот театар, танчарка и кореографка од светски ранг и извонредна претставничка на културата на Германија. Државниот секретар за култура Бернд Нојман ја нарече Пина Бауш најзначајниот кореограф на денешнината. Со Вуперталскиот балетски ансамбл таа важеше за извонредна презентерка на модерниот танцов театар. На 14 години започнува студии по танц на високата школа „Фолкванг“ во Есен. Студиите ги продолжува во Њујорк, а во 1962 година се враќа во Германија и настапува како солистка во балетот „Фолкванг“. Во 1973 година Пина Бауш во Вупертал стана најмладиот шеф на балет во Германија. Нејзините поставки ги одушевуваа еднакво и публиката и критичарите.
В.Д.