Ана Вишинова, координаторка на изложбата „Кој кого жени?“
Изложбата „Кој кого жени?“ од авторката Андреја Средноселец е гостувачка изложба од Хрватска што беше поставена во Музејот на македонската борба, по повод 70-годишнината од Музејот на палатата Тракошчан. Тоа е тематска изложба што зборува за договорените бракови, кои до 20 век биле составен дел од социоекономските стратегии на благородничките и аристократските семејства и биле средство за стекнување и потврдување на општествената и материјалната положба и средство за постигнување политички цели. Подетално за изложбата разговараме со Ана Вишинова, координаторка на изложбата и едукаторка историчар во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
Кој е главниот наратив што сакате да ѝ го пренесете на публиката преку приказните за благородничките?
– Главниот наратив што изложбата „Кој кого жени?“ ѝ го пренесува на публиката е дека бракот меѓу благородничките не бил само личен чин туку и клучен општествен, политички и економски инструмент, преку кој жените станувале носителки на моќ, влијание и континуитет. Но истовремено тие биле активни фигури во создавањето сојузи меѓу семејства и династии и преку бракот управувале со имотот, наследството и политичкиот легитимитет.
Каква била улогата на благородничките во хрватското општество – дали тие биле само дел од семејната политика или и активни чинители на историските процеси?
– Улогата на благородничките во хрватското општество имала големо значење. Тие дејствувале како културни посреднички, пренесувајќи обичаи, мода, религија и образование. Во одредени историски моменти имале реално влијание врз одлуките на моќните структури. Самиот наслов на изложбата „Кој кого жени?“ намерно ја отвора дилемата: дали жената е „дадена“ во брак – или таа, преку својот статус, потекло и улога, го обликува текот на историјата? Така што посетителите можат да дознаат за благородничките не како тивки сопруги, туку како стратегиски актери, чиј личен живот бил нераскинливо поврзан со јавната историја.
На кој начин изложбата ги преиспитува традиционалните претстави за бракот, моќта и родовите улоги во минатото?
– Изложбата „Кој кого жени?“ ги преиспитува традиционалните претстави за бракот и моќта во минатото така што го прикажува бракот не како приватен, романтичен чин, туку како јавен, политички и општествен механизам на моќ. Бракот е претставен како стратегија, а не избор. Изложбата покажува дека бракот, особено кај благородничките и елитите, бил средство за склучување сојузи, зачувување имот, титули и политичко влијание. Жените најчесто биле „влог“ во тие договори. Преку предмети, документи и визуелни симболи се открива тензијата меѓу формалната бесправност на жената и нејзината реална, често тивка моќ – влијание преку мајчинството, наследството, дворот, образованието и културниот капитал. Насловот „Кој кого жени?“ намерно го нарушува традиционалниот наратив. Тој не подразбира автоматски машка доминација, туку го отвора прашањето за преговарањето, маневрирањето и симболичката моќ што жените ја поседувале, иако неформално. Изложбата ги деконструира идеализираните претстави за бракот и ја прикажува жената како историски актер – ограничен, но не и безгласен.
Со какви експонати и архивски материјали се претставени овие жени и нивните животни приказни?
– Изложбата е поделена во три поголеми тематски целини. Како што изјави авторката на изложбата: „Првата целина зборува за женидбените стратегии на благородничкото семејство Драшковиќ, кои биле сопственици на Замокот Тракошчан повеќе столетија. Преку нивниот пример е прикажано дека, покрај стекнувањето имот преку кралски даровници, купување и залог, семејството Драшковиќ почнало да применува уште еден традиционален метод за стекнување имот – брак со членови на богати семејства. Имотот почнал да доаѓа во рацете на семејството преку богати мирази. Другиот дел на изложбата е посветен на одделни елементи на самиот процес на склучување на бракот, од свршувачката до брачните договори. Во еден дел се зборува за примерните и непримерните брачни партнери, при што често непримерните брачни партнери знаеле да предизвикаат скандали. Така што во изложбата има еден интересен пример на бракот помеѓу грофот Јосип Драшковиќ и благородничката од понизок сталеж Сузана Малатински. Третиот дел зборува за положбата на благородничките откако ќе се омажат. Постоеле разлики помеѓу машките и женските припадници на благородничките сталежи.“
Дали постојат паралели меѓу хрватската и македонската историја кога станува збор за улогатa на жените во елитните општествени слоеви?
– Иако хрватската и македонската историја се развивале во различни државни и културни контексти, може да се забележат јасни паралели во улогата на жените од елитните општествени слоеви. Во средновековна Хрватска тоа се благороднички и кралици поврзани со европските дворови, додека во македонските земји (во рамките на Византија, средновековните словенски држави и подоцна Отоманската Империја) елитните жени се појавуваат како сопруги и ќерки на владетели, феудалци, црковни великодостојници и богати трговци.
Како ова гостување ја продлабочува културната соработка меѓу Хрватска и Македонија и дали се планираат идни заеднички проекти?
– Изложбата подразбира директна соработка меѓу музеи, куратори, конзерватори и истражувачи од двете земји. Преку заедничка подготовка, избор на експонати, адаптација на наративот и логистика, се градат трајни професионални мрежи и доверба – основа за идни проекти, размена на изложби и заеднички истражувања. Уште при првите договори за соработка со директорката на замокот Тракошчан за гостувањето на изложбата, кога разговаравме за темата, нѐ поканија да гостуваме и ние со наш проект односно изложба. Во Музејот на македонската борба, од самото отварање на музејот, континуирано се обработуваат темите за жените од македонската историја, како ајдутки, комитки, партизанки, жените од мајки до борци. Реализирани се изложби, работилници и музејски публикации. Ние имаме богата содржина во македонската историја посветена на жената, за да можеме да се претставиме преку изложби и надвор од границите на нашата земја.
Гостувањето на изложбата „Кој кого жени?“ не е само пренос на музејска содржина од една во друга држава туку и активен процес што ја продлабочува културната соработка меѓу Хрватска и Македонија на неколку нивоа.
































