Издавачката куќа „Слово“ од Скопје, во својата поетска едиција, ја објави поетската книга „Паралели“ од Лидија Даниловска-Алексовска. Ова е втора книга од оваа авторка. Нејзината прва книга, исто така поезија, носи наслов „Од двете страни“.
Читателот ќе забележи дека постои континуитет на вторава со првата книга, пред сè во она што е нејзина поетика, во формата, во градбата на версот. Тематски, книгата „Паралели“ зборува повеќе за она што е стварност, што е живот. Оттука, песните, на поетски начин, зборуваат за доживувањата, за животните искуства, а некои од нив се особено поврзани со релациите, со љубовта што се споделува со најблиските.