Кон изложбата „Трилогија: Под површината има уште една површина“ на Дриант Зенели во „Чифте-амам“
Во просториите на „Чифте-амам“ деновиве имаме можност да ја проследиме изложбата насловена „Трилогија: Под површината има уште една површина“ на релативно младиот уметник од Скадар, Дриант Зенели (1983), остварена како резултат на покана на Националната галерија, курирана од вишата кустоска Ана Франговска. Изложбената целина се состои од три видеоинсталации, поврзани со скици, текстуална нарација и редимејд-предмети, внимателно поставени во сложената линеарна внатрешност на амамот. Овој проект одново ги демонстрира специфичните околности на амбиентот, што инспиративно и поттикнувачки антиципира современ начин на промислување на просторните односи и диспозиции меѓу изложбените делови и концептуалните сегменти.
Наративот што го окупира творечкиот императив на Зенели смело ги заобиколува колоквијалните теми на институционалните центризми, третирајќи ја хуманотопијата како можност за определување една фикција, испреплетена со документарни записи во различни морфолошки контексти. Така веројатно се раѓа идејата за проектните можности на овој концепт, но и за „гравитацијата“ како логична темпоралност за човековото постоење, на непроменливата константа и перманентноста на животот на планетата Земја. Релевантноста на аксиоматската претпоставка содржана во насловеноста на проектот „Не би било возможно да се напушти планетата Земја доколку не постои гравитација“, како алегорија поставена во жанрот на ликовната фикција, е подвлечена со историски идиоми, меѓу кои и „утопиското“ на стариот комунистички систем и современиот човек што себеси се проектира како „космонаут“ што се упатил кон вселената. Една суштински важна политичка порака се проткајува низ овој сложен и можеби сосема оправдано хиперболизиран наратив на фикцијата, а тоа е националната хипокризија како конечна дистопија за човековите можности.
Таа мрежа од лични и општи идеолошки императиви е соодветно издржана преку внимателно конципирана идеографија, низ видеозаписот како основен посредник и активната амбиентална компонента – аудиозаписот, како есенцијално сврзувачко средство при инструктивното читање на проектот.
Трите видеоинсталации се евидентен показател дека оптичкото снимање на Зенели е повеќе од сценографско и документарно меморирање во распонот на можности на подвижната слика и дека авторот убедливо конструира една нова современа лексема, која се темели на односите меѓу аудитивното и иконичното претставување. Односите помеѓу посебните видеозаписи се обмислени како мрежа на наративно продолжение од едно во друго последователно дело, но и како формална постапка што ја дефинира естетиката на класичниот изложбен модел. Дополнителните визуелни конотатори, цртежите, книгата на Хисенбегас од 1983 г. и парчињата од хром се третирани како линеарно естетско средство дополнето со светлосни ефекти, есенцијални за заокруженоста на визуелната целина.
Концептот „И потоа најдов некои метеорити во мојата соба“ од 2018 г., артикулира помеѓу фантазијата и историското, меѓу политичкото и сонот, преку дијалошка форма определена од говорот на избраните ликови и сценичноста изведена од и во напуштената архитектура на металуршкиот комплекс „Челикот на партијата“ во Елбасан, со силно инхерентно и симболично значење извлечено од локалните историски мемоари.
Проектот со кој Зенели ја претстави Република Албанија на Венециското биенале во 2019-та – „Можеби космосот не е толку извонреден“, е повторно изложен во просториите на „Чифте-амам“, а посочува кон суштински прашања поврзани со рударството како индустриска гранка и хемискиот елемент хром како причина за мноштво политички, економски и општествени парадигми. Синтагмите како „постои живот во нашиот соларен систем“, „животот би можел да постои во други соларни системи“, „тие се обидуваат да ни кажат нешто“, „функцијата на црните дупки“, „големата експлозија“ и „огромната енергија“, претставуваат суштински размисли на уметникот, но и општи недоумици спроведени низ субјективна нарација, и како такви допираат теми што се однесуваат на човечкиот потенцијал за истражување и откривање подлабоки космолошки прашања, но и онтолошки тврдења за постанокот на светот.
Моќта на уметничкиот исказ на Зенели лежи не само во претпоставките изведени преку наративот туку првенствено во композициските односи на кадрирањето како појдовна концептуална точка, како идејно простирање меѓу крупниот план и широкиот агол, снимките со длабока перспектива, точката на набљудување од искосен агол, птичја или жабја перспектива, вибрантните апстракции наспроти реалните прикази во диптих-формат, и триптихот како една посложена структура на интертекстуални и иконични аспекти на уметничкото дело. Ова е прво претставување на уметник што истовремено изложува во соседна Приштина, во рамките на Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста, и експлицитно го илустрира моделот според кој се остваруваат меѓународното вмрежување и интеркултурната циркулација.
Тука треба да се напомене дека македонските уметници сè помалку се застапени на меѓународната мапа, се чини дека преовладува неиздржана селективност и покрај развиената ликовна сцена, и скорашно, во рамките на блиските случувања, како што е косовската Манифеста, тоа одново се потврди со скромниот квантум на учесници од земјава во рамките на официјалната програма. Спротивно на ова, соседна Албанија, која испрати десетина креативци од различни области, сосема логично и национално афирмативно ги прикажа богатството и диверзитетот на сопствената културна сцена од повеќе аспекти.
Релативно густата агенда на изложувачка активност на Зенели покажува дека покрај „посебноста“ како авторски елемент, клучни се и институционалните комуникации, односно логистичката поддршка што подразбира будно следење на едновремените случувања и движења во уметничкиот свет како очекувана есенцијална агенда на професионалните диспозитиви и нивните културни политики.
Натали Рајчиновска Павлеска