Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја објави програмата на јубилејната 55. Летна школа, која ќе започне неделава, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, и ќе трае до 2 септември, со учество на 60 странски македонисти и слависти од седумнаесет држави. Оваа јубилејна школа ќе се одржи со најголем број семинаристи последниве години, а нејзината програма се очекува да им овозможи и нови видици и да ги поттикне на нови истражувачки потфати за македонистиката.
– Преку програмата на ова исклучително значајно јубилејно издание, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат ќе се вклучат во програмските активности на семинарот. Ова дополнително укажува дека мисијата за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот – велат организаторите.
По пристигнувањето на странските македонисти и слависти во Охрид денеска и по отпочнувањето со лекторската настава, на 19 август, со почеток во 12 часот ќе се одржи свеченото отворање на јубилејното издание. Најавена е промоција на новите изданија на учебниците за странци: „Тешкото“ од Симон Саздов, „Лозје“ од Гордана Алексова и „Везилка“ од Весна Мојсова-Чепишевска. Промоторка на изданијата ќе биде Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Традиционално ќе биде промовиран и Зборникот од предавања од претходната Летна школа, а промотор ќе биде Борче Арсов, долгогодишен лектор на школите на семинарот.
Првото предавање на школата ќе го одржат Елка Јачева-Улчар, Ласко Џуровски и Лазе Трипков на темата „Глаголицата и кирилицата низ призмата на богатото македонско културно-историско наследство и нивната примена“. Предавање за „Св. Наум и пророкот Наум“ ќе одржи Ѓоко Ѓорѓески. Јубилејот 70 години од раѓањето на Горан Стефановски ќе биде одбележан со предавање на Наташа Аврамовска за локалното и универзалното во драмскиот свет на Стефановски, а ден потоа, Искра Пановска-Димкова ќе одржи предавање на темата „Фонетско-фонолошките предизвици при усвојувањето на македонскиот јазик како странски“. Во рамките на школата ќе биде одбележан и големиот јубилеј 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, со предавање на Славчо Ковиловски за Делчев како културна икона.
За првпат во рамките на школите на семинарот, одделно внимание ќе биде посветено на македонската мода и македонскиот моден дизајн како составен дел од македонската култура, со предавање на Лидија Георгиева на темата „Зборувате ли македонска мода?“ На школата ќе биде одржано предавање и за интермедијалните проникнувања на современата македонска книжевност со сликарството и музиката од Владимир Мартиновски, а македонската традиционална култура, културно наследство и идентитет ќе бидат тема на последното предавање на Велика Стојкова Серафимовска.
Покрај предавањата, семинаристите ќе следат и лекторска настава, а ќе биде организирана и преведувачка работилница што ќе ја води Лидија Танушевска, како и курс по македонски ора што ќе го води Сашко Јованоски.