Од 21 до 25 август ќе се одржат „Струшките вечери на поезијата“
Од 21 до 25 август по 64-ти пат ќе се одржат „Струшките вечери на поезијата“, а Струга уште еднаш ќе биде центар на светската поетска сцена. Седумдесет поети од земјава и од странство, критичари, преведувачи и литературни работници ќе учествуваат на манифестацијата. Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на 64-те „Струшки вечери на поезијата“ ќе учествуваат еминентни поети од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и од земјите од соседството.
Директорот на фестивалот, Никола Кукунеш, информира дека фокусот на годинашното издание ќе биде глаголицата, како една симболична врска, мост што обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка.
– Токму затоа за промоција на годинашното издание се подготвени графички и видеосодржини, кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд што реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска што надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес – рече Кукунеш.
Според него, „Струшките вечери на поезијата“ не се локална организација ниту локален настан, туку ги надминуваат границите на државата и се широко етаблирани и познати во светот.
– Она што се обидуваме подолго време да го потврдиме како некаква теза, која вреди да се воочи и да се сфати како факт, е дека „Струшките вечери на поезијата“ не се локална организација и не се локален настан. Освен тоа што се национални, ги надминуваат рамките на државата. Манифестацијата е широко етаблирана и позната во светот. Она што мора да го разбереме е дека вложувањето токму во таа меѓународна промоција на нашиот јазик и култура е тоа за што оваа манифестација всушност е наменета и тоа е нејзината основна цел – подвлече Кукунеш.
Уметничкиот директор Мите Стефоски информира и за издавачката дејност на фестивалот.
– Годинава, покрај вообичаената и луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка, која се објавува тројазично, ќе бидат објавени уште неколку значајни публикации. Меѓу нив се и книгата на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Матеуш Шимчик, и книгата на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, академик Катица Ќулафкова, „Небото ми е дома“, која излегува во превод на англиски јазик. Покрај овие изданија, СВП годинава објавува една ретка антологија „Дионис и свети Трифун“, панорама на македонската винска поезија, чиј приредувач е познатиот поет и антологичар Славе Ѓорѓо Димоски – додаде Стефоски.
Тој најави дека фестивалот повторно ќе го добие својот сјај исполнувајќи ја задачата да биде афирматор и промотор на македонската и светската поезија.
– Нашата задача е да бидеме афирматори и промотори на македонската и светската поезија. Токму поради тоа постои овој фестивал и затоа е најголемиот и најзначаен културен бренд што го има Македонија во светот. На овој фестивал на кој настапиле повеќе од 5.500 поети од светот, во 64-те изданија продефилирале најзначајните светски имиња. Фестивалот е антологија на светската поезија, а сцената во Струга била место каде што се промовирале најзначајните умови на втората половина на 20 и почетокот на 21 век – нагласи Стефоски.
Автор на визуелните материјали, плакатот и изложбениот материјал е Лазе Трипков, а автор на видеоанимациите е Емил Петровски.