Изложба во КИЦ
Изложба на фотографии на Сашо Димовски по повод 60 години од земјотресот во Скопје ќе биде отворена вечерва, во КИЦ. Фотографиите раскажуваат за индиректните последици од земјотресот во 1963 година, кои не се само инфраструктурни туку, можеби и повеќе од тоа, социјални и општествени.
– Сакам да ја покажам постојаноста на дисконтинуитетот на средината во која живееме, како и бесмисленоста на нејзиното постојано, хаотично и грозничаво разградување, доградување и преградување – вели Димовски.
Оваа изложба претставува дел од неговото подолго истражување на состојбите во македонското општество по промената на политичкиот и економскиот систем од 1990-тите години наваму: транзицијата како социоекономски и политички процес и нејзиното влијание врз нашите животи и просторот во кој тие животи се одвиваат.
– Концептот на кој работам речиси 20 години започнав да го излагам во 2012 година, со тематската изложба „Постапокалиптичната реа на транзицијата – Изгрев на залез“. Таа визуелно го претстави костурот на хотелот „Изгрев“ во Струга поставен како скулптурно дело во природен амбиент, хотел што бил изграден на крајот на 1970-тите години и парадоксално, драмски, отворен на 1 септември 1979 година, на крајот на туристичката сезона. Вториот дел од истражувањето „Постапокалиптична реа на транзицијата – 2030“ беше претставен пред една година во Градскиот музеј во Крива Паланка, во еден извонреден архитектонски фрагментиран простор каде што беа прикажани неколку лајф-фотографии, фотографии од неколку града, како и оние од „Изгрев“, а кругот го затворив со документарни фотографии од дочекот на една од штафетите на младоста од периодот пред распадот на југословенската федерација. Оваа, трета фаза од овој долгогодишен проект, како концепт се однесува само на Скопје. Инаку, уште од крајот на Втората светска војна, дури и пред катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје центрифугално ги привлекува луѓето да се населуваат во него: од град со неколку десетини илјади жители по Балканските војни, тој израснал до 200.000 жители пред земјотресот, а само неколку години подоцна има веќе 300.000 жители. Околу и поради оваа маса луѓе ликот на градот постојано се менува. Преку некои објекти изградени во постземјотресно Скопје ќе се обидам да поставам неколку прашања, врз основа на визуелните размисли прикажани на ѕидовите на галеријата. Овие објекти доследно се држат до првичната идеја на концептот да бидат визуелна метафора/алегорија на случувањата во општеството, на македонската транзиција. Земјотресот е природна појава со разурнувачки ефекти, но што правиме со земјотресите што многу често се случуваат во општествената сфера? И како, и дали се справуваме со нив?! – прашува авторот на изложбата. В.Д.