Со папсувањето на корона-кризата и почетокот на украинската војна, се множат пораки на моето мејл-сандаче, со финансиски понуди од „голем калибар“. На пример, г. Џибс ми пишува: „Dobro jutro, nadam se da si dobro? Voljet ću da budete naslijednik mog preminulog kupca, državljanina vaše zemlje. Molimo Vas da mi se obratite za više detalja ako ste zainteresovani, čeka Vas obezbeđena suma od 2 500 000 US dolara“.
Во пораката на д-р Емануел Акваси, пак, провејува поисповеден, подетален план за трансакцијата, објаснет со подолги реченици: „Јас сум чесен, претседател на енергетските прашања во парламентарната куќа Гана. Јас сериозно пишувам за помош за примање сума пари на Вашата сметка за безбедно чување и инвестирање. Ја добив Вашата адреса за е-пошта преку фирма за маркетинг на Интернет додека барав сигурна и реномирана личност да се справи со оваа трансакција. Нашата комисија за нафта и гас има сума од петнаесет милиони и петстотини илјади евра, со намера да се пренесе во странство со помош на странски партнер, затоа што според правилата на државната служба во мојата земја, сместувањето во странство не е дозволено, затоа барам Ваша помош да се изврши оваа трансакција во што е можно покус рок. Ве молиме, релевантно е да знаете дека овој фонд настана како преоптоварување и прекумерно обезбедување во буџетот за нашата гасоводна енергија во Западна Африка.
Оваа одредба беше направена од мојот комитет, сите плаќања на договори беа исплатени на корисници и изведувачи, што изнесуваше околу 207.500.000 евра, но сега го оставија зад себе вишокот на фактурата во износ од 15.500.000 евра, што има намера да ја надомести мојата инвестиција со Ваша помош. Затоа Ве контактирам за да станете корисник, за да го процесирате овој фонд во ваш притвор. Јас ќе Ви обезбедам 40 проценти за вашата помош и фондот ќе биде пренесен законски на Вашата банкарска сметка. Ги усовршив сите модалитети за успешниот трансфер на овој фонд и сѐ што треба да сторите како корисник е да ги следите моите упатства. Конечно, морам да ве уверам дека оваа трансакција треба да се чува апсолутно доверлива и дека треба да ја завршиме во рок од 14 работни дена. Ве молам, одговорете ми преку е-адресата подолу.
Чекам да чујам од тебе. Со благодарност и почит, твој д-р Емануел Акваси“
Интересно ми е што во обраќањата, краткото на г. Џибс и долгото на д-р Емануел Акваси, се мешаат второто лице еднина и множина. Очигледно е дека го користеле Гугл транслејт, така што срдечноста на поздравот го сместил „you“ во „ти“, наспроти службениот дел од писмото, каде што владее сериозното „Вие“. Дали тоа што во инаку добро срочената на македонски порака на д-р Акваси од Гана се вметнал и зборот „притвор“ наместо „старателство“ = „custody“, значи дека некој добар таен агент од потсвеста на Докторот се сожалил на кутриот Македонец?
Од друга страна, сѐ уште не ми е јасно како конкретните господа ме избрале токму мене да ми ги доделат тие не толку мали парични средства. Дали измамничката логика ја сместила мојата држава во лесно обработлива почва? Можеби, пресметуваат тие, некој, изгубен и уплашен среде катастрофите на денешницата, сепак ќе се фати на мамката. Несогледливи се патиштата човечки…