Иво Трајков, режисер
Во официјалната селекција на долгометражни филмови на тековниот Филозофски филмски фестивал (селектор: Кирил Трајчев), на отворањето публиката имаше можност, меѓу шесте филмски остварувања, да погледне и една македонска копродукција. Имено, станува збор за новиот филм на нашиот познат режисер Иво Трајков („Големата вода“, „Медена ноќ“…), кој со години живее во Прага и предава на престижната ФАМУ, а кој овој пат ни понуди една визуелно раскошна приказна, симбол на модерната Содома и Гомора, базирана на кратка приказна на словачкиот писател Франтишек Швантнер, со оригинална музика на нашиот Кирил Џајковски.
Вашето ново остварување „Некрстени денови“ (Пиарги) премиерно беше прикажано на отворањето на Филозофскиот филмски фестивал. Зошто го одбравте токму овој фестивал, колку е важна врската меѓу филмот и филозофијата? Дали и колку таа е присутна во овој филм?
– Филмот е прикажан на голем број фестивали и освои голем број награди, но сакав премиерното прикажување во Македонија да биде нешто вонредно. Од тој поглед ми се чини дека и самата идеја за филозофски филмски фестивал е нешто уникатно и надвор од рамките на Македонија. Филозофијата е присутна во секој филм како составен дел на животот. Во овој филм се појавуваат и некои теозофски аспекти.
Ќе споделите ли нешто околу приказната на филмот за тие што не го видоа на скопската премиера?
– Македонскиот наслов на филмот е „Некрстени денови“, англискиот е „Балада за Пиарги“, а Пиарги е име на селото што во приказната ќе биде срамнето со земја од лавина. Само една девојка ќе ја преживее трагедијата. Во својата исповед ја прогласува катастрофата за божја казна и ја раскажува приказната за големиот грев како причина. Филмот се занимава со родови прашања, метафора е за подредената положба на жената во патријархалното општество и надмоќта на мажите. Се чини неверојатно дека сè уште сме заглавени во овие прашања?
Иако филмот е историски и се случува во периодот кратко пред Втората светска војна во Словачка, зачудувачка е бруталноста со која жената е третирана од страна на мажите и, пред сè, нејзината положба во општеството како најпоследна од последните. Но во колку земји на светот до ден-денес реалноста на жената е таква? А колку жени и во нашиот таканаречен цивилизиран свет се обесправени? Да не навлегувам во прашањата на привидната рамноправност, која многу често е само илузија.
Се работи за кинематографско дело работено во црно-бела техника. Зошто се одлучивте за ваков пристап?
– Има три причини. Првата, секако најважната, е естетската. Тоа е прашање на љубов. Вљубен сум во естетиката на црно-белата визуелност. Втората причина е содржинска. Како поверна визуелна евокација на историскиот период, но и како рефлексија на значењето – во крајна линија се работи за судир помеѓу доброто и злото. Третата причина е чисто практична. За ваков историски филм е потребен поголем буџет од што имавме на располагање. А црно-белата фотографија во тој поглед е многу помилосрдна, прикрива доста детали, исто така отпаѓа еден елемент – бојата, која инаку мора да ја респектирате во сите присутни елементи, локации, сценографија, реквизит, костим, маска итн., што претставува дополнителен проблем и дополнителни финансии.
Снимавте во сите сезони од годината, со актери, неактери, музичари, танчари, деца и животни, дувачи на ветер, машини за дожд, чад, снег… Како од сегашна перспектива гледате на процесот, напорен ли беше, или пред сè возбудлив?
– Предолг и бескрајно напорен. Секако возбудлив, филмот е пасија, мислам дека не може да се работи без неа. Јас ги одбирам проектите, мислам дека тоа важи и обратно – тие ме одбираат мене, така што нема простор за поплаки. Страдањата се составен дел од процесот, но должината на процесот и неговото финансирање се исто така одраз на бесмисленоста на некои аспекти во денешната европска филмска индустрија.
Филмот веќе освои повеќе меѓународни филмски награди, а критиката го опиша како исклучително дело. Споменете ни некои од позначајните награди, колку тие се важни за успехот на еден филм?
– За мене наградите навистина не значат веќе ништо, а колку што сум постар уште помалку значат. Како доказ може да послужи моето си-ви каде што досега сè уште стои дека „Пиарги“ се наоѓа во фаза на постпродукција, за спомнување награди не станува збор. Можеби звучи чудно, но за мене филмот завршува со крајот на креативниот процес. Тоа што доаѓа потоа е „негова работа“ и работа на луѓето одговорни за тој дел од животот на филмот. Јас сум толку презафатен, што од зоната на мојот интерес ги исклучувам работите што не ми се животно важни. Иако не го следам фестивалскиот свет и не ги знам наградите, сепак им се радувам на успесите, бидејќи ги прават продуцентите и соработниците горди, а кога тие се радуваат мене ме прават среќен.
Последно во низата признанија што ги одби филмот е вклучувањето во трката за годишните награди на Словачката академија за филм и телевизија, на кои оваа година филмот е номиниран дури во 16 категории… Ви значи ли ваквиот третман што го добивте во Словачка?
– Филмот воспостави рекорд по број на номинации – 16, а од тие доби 12 награди, и мислам дека и тоа е рекорд. За мене изненадувачка и истовремено единствена навистина вредна беше наградата на публиката. За црно-бел, практично арт хаус филм тоа е големо признание. Секако ми значи многу фактот дека нивниот фонд финансираше филм режиран од некој што не е Словак (тоа е многу редок случај во Европа). А овој успех е за нив признание дека не згрешиле, што особено ме радува. Уште позначајно звучи, доколку го согледам пристапот кон филмот и кон мене како автор на некои други фондови и агенции. Но да ја свртиме работата малку на шега, еден пријател ми вика, сега ќе се растуриш од снимање филмови во Словачка, а јас му одговарам: Обратно, дури сега ќе ме замразат.
По успешната соработка на филмот „Големата вода“, композиторот Кирил Џајковски повторно работеше на музиката на вашиот нов филм. Колку сте задоволен од соработката, како се вклопи музиката во приказната и колку е важна музичката подлога за еден филм?
– Со Кирил се знаеме многу години и можам да кажам дека сме добри пријатели. Се радувам кога можам да работам со него, пред сè поради неговата беспрекорна професионалност, композиторскиот ум и сензибилитет, да не спомнувам квалитет, бидејќи тој се подразбира. И двајцата уживаме во креативниот процес, тоа нѐ исполнува. Мене тоа ме радува, бидејќи филмот е пред сè тимска работа. Музиката е еден од најважните елементи во филмот. Ги креира атмосферата, тоналитетот и емоционалниот аспект, но пред сè станува дополнително наративно изразно средство. Филмската композиција е многу специфична, а изведбата на Кирил е секогаш одлична. Чув муабети дека Словаците ќе му градат споменик поради неговиот придонес во нивната национална музичка култура.