КАФЕ-МУАБЕТ
Старите маала ги снема во Скопје. Нивните имиња понекогаш се вртат низ приказните на некогашните деца што трчаа по нивните сокаци, а сега, ептен возрасни, се стуткале во забуткани станови во некои висококатници, каде што и комшиите често забораваат да си кажат „добро утро“. Кажувајќи ги тие веќе по неколкупати кажувани приказни од извеаните времиња, тие говорници, преостанати од маалскиот карван, се обидуваат да ги засладат, да го вметнат во нив своето некогашно фраерско „јас“, кое се пласти и оддолжува со секоја повторена верзија.
Така оди со годините, си велам, а можеби веќе и самиот сум почнал да ги китам, со збунувачки гестови и имитации, да ги расприкажувам случките од скопскиот маалски живот пред земјотресот. И тогаш сепнат, ама не докрај, ја привршувам приказната, за веќе следниот момент да ја ублажам со некоја потсмешлива забелешка за нашата збркана, болникава сегашност.
ЗБОГУМ МЛАДОСТ МОЈА

Збогум младост моја
Збогум верен друже
О љубов моја
Јас одам којзнае каде
Која прокоба ли ќе ме следи
И кој Кербер назабен
Таму ќе ме сочека
Збогум младост моја, збогум лудост моја
И онаа ѕвезда, толку далечна,
Има свое име…
Збогум младост моја