Разбирањето на подлабоките значења што се содржани во градбите, во уметничките и пишаните дела, во народните преданија и легенди е битен предуслов за разбирањето на денешницата и на современата култура, вели д-р Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура во Прилеп. Институтот деновиве го организираше научниот собир „Материјализација на мислата: Идеолошки концепти во културното наследство“, на кој учествуваа еминентни научници од Македонија, Србија, Бугарија, Грција и од САД.
– Основната идеја е на пошироката јавност да ѝ ги претставиме сите димензии во културното наследство што се откриваат со нашите истражувања, а кои денес не се доволно објаснети и видливи за современиот човек. Сметаме дека е многу важно да ѝ се посвети поголемо внимание на самата суштина, на значењето на културните артефакти, народното творештво, легендите, митовите, литературните творби. Ваквите собири се одговор на сите шпекулации за македонскиот културен идентитет, на кои се презентираат истражувањата и артефактите и откривањата на богатите културни слоеви. Проучувањата на делата што го градат комплексниот мозаик на културното наследство, од перспективата на повеќе научни дисциплини, а особено сублимирањето на добиените научни резултати ни даваат можност да добиеме заокружена слика за контекстот во кој настанале, за нивното суштествено значење, но и за безвременските пораки што се вткаени во нив. Разбирањето на ваквите пораки ќе ни помогне подобро да ја разбереме нашата сегашност и подобро да се разбереме себеси – вели д-р Василески.
Преку науката, научните истражувања и нивна презентација може да се стигне до продлабочени и вистински сознанија, сметаат научниците.
Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар во Скопје, смета дека системската грижа за културното наследство е основа за стабилен индентитетски континуитет и економска моќ, дека културното наследство е хронолошка слоевитост на идентитетско создавање низ вековите.
Според Весела Честоева од Управата за заштита на културното наследство, идентитетските прашања сѐ уште се актуелна и жешка тема, постојано подложна на реинтерпретации. Во Македонија се посветува внимание од аспект на одржување на институционалниот систем. Ка.М.