По обемна и плодна дискусија, комисијата за доделување на наградата „Драги“ се одлучи во првиот круг на селекција да влезат 19 изданија од девет издавачки куќи и едно самостојно издание. Одбраните преведувачи се:
Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од
Миѓен Келменди, Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбур, Ацо Пероски за преводот од англиски јазик на „Далеку од Ирска“ од Вилијам Тревор, Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно
семејство“ од Ања Мугерли, Дејан Василевски за преводот од српски јазик на „Капут од мов“ од Стефан Тиќми, Ѓургица Илиева Нацкова за преводот од англиски јазик на „Мачкино око“ од Маргарет Атвуд, Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро, Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа,
Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земјата под абажур“
од Драгослав Дедовиќ, Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман, Катица Гаровска Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров, Лара Прокопиева за преводот од шпански јазик на „Во понеделник ќе нѐ сакаат“ од Наџат ел Хачми, Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Сите војни на Лара“ од Војќех Јагелски, Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс, Марија Гиревска за преводот од англиски јазик на „Џакомо Џојс“ од Џејмс Џојс, Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум,
Никола Маџиров за преводот од англиски јазик на „Арарат“ од Луиз
Глик, Сашо Огненовски за преводот од српски јазик на „Деца“ од Милена
Марковиќ и Снежана Стојчевска за преводот од српски јазик на „88“ од Надија
Реброња.

Комисијата во состав: Јана Михајловска (библиотекарка и претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија; претставничка на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач) едногласно го истакна своето огромно задоволство, како од големиот интерес на преведувачите така и на високиот квалитет на понудените дела. Пред нив претстои тешка задача, бидејќи во конкуренција се исклучителни преводи на преведувачи од различни генерации.
Беше истакнато и брзото препознавање на оваа награда од јавноста, за што говори застапеноста на сите книжевни жанрови и видови, објавени од сите најзначајни издавачки куќи во Македонија. За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи од 17 издавачи и две приватни изданија.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.