Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“ на младата грчка режисерка Асимина Проедроу, реализиран во копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија, доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија. Дебитантскиот филм на Проедроу постигна исклучителен успех на церемонијата на доделување на наградите на Грчката филмска академија што се одржа на 27 јуни во Атина. Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди: за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.
Овие награди ги доделува Грчката филмска академија за извонредност на филмските достигнувања во грчката кинематографија.
Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија. Македонски продуцент е „Сектор филм“, предводен од продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Премиерата на филмот се одржа на Филмскиот фестивал во Солун, во ноември 2022 година, каде што доби шест награди. Веднаш потоа беше награден како најдобар дебитантски филм на фестивалот во Гоа, Индија. Снимањето на филмот се одвиваше на територијата на Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во Македонија во текот на 2021 година, кога сѐ уште беа во сила ковид-протоколите. Дејствието на филмот се одвива во 2015 година. Приказната во филмот зборува за рибар што живее во село на границата помеѓу Грција и Македонија.