Кинотеката отсекогаш била место што нуди уникатна филмска програма, алтернативна на холивудските блокбастери и хитовите од стриминг-платформите. Македонската публика на големо платно може да погледне арт-хаус филмови од различни кинематографии, како и филмски наслови од домашната филмска продукција.
– Секако, нашата главна мотивација за создавањето на филмската програма е да се состави програма што ќе нуди нови и разновидни филмски изданија, со кои би ѝ се задржало вниманието на нашата редовна публика, но и да се допре до нова и помлада публика. Во таа насока, овој ноември, срдечно ви препорачувам да ги погледнете филмските наслови „Човек по твоја мерка“ (2021), „Приказната на мојата жена“ (2021) и „Островот на Бергман“ (2021), бидејќи се само мал дел од богатата европска кинематографија – вели Дамјана Патчева од Кинотеката.
Свежината на кинематографијата секогаш ја одржуваат новите автори, кои внесуваат нов ритам во продуцирањето филмски приказни релевантни за младата публика, па така, на самиот почеток во кинотечното кино овој ноември, публиката ќе има можност да погледне две филмски дела на македонските автори Илија Павлов и Филип Лафазановски. Ако филмот „Рибрт, војс оф сајленс“ на Павлов е дело што одлично го држи вниманието со 82-минутната приказна, тогаш краткиот филмски израз на Лафазановски во „Под мостот“ може да се карактеризира како солиден краток филм за вечните теми.
– Ноемвриската филмска програма во Кинотеката во себе ја содржи и Неделата на шпански филмови, која оваа година ќе понуди нови филмски наслови за кинотечната публика. Исто така во овој месец се сместени и проекциите на последниот краток филм на Саша Станишиќ, „Пс Бусан“ што сосема солидно се надоврзува на неговите претходни дела. „Пс Бусан“ нуди негов поглед кон мегаметрополата Бусан наспроти традиционалните вредности на богатата култура на Јужна Кореја. Оваа година македонската кинематографија се дополни со дебитантскиот игран „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи и забележа значителен успех на фестивалите во регионов. Како дел од македонската редовна дистрибуција, овој месец на програмата ќе се прикаже и македонско-кипарскиот филм „Снежана на крајот умира“, дебитантското издание на Кристијан Ристески – вели Патчева.
Во рамките на ноемвриската филмска програма е и краткиот филм „Баскет“ на Димитар Банов, а македонската публика на самиот крај на ноември ќе може да го посети фестивалот „Анимакс“, меѓународниот фестивал за анимиран филм, што оваа година ќе го има своето 13-то издание.